Моралот меѓу „правилата на службата“ и Евангелието

 

Катерина Блажевска

Каков е соодносот меѓу библиското начело „не кради“ и констатацијата дека нашето општество е висококорумпирано?

Пораки за радост, мир, разбирање, љубов, добродетелство, милосрдност, трпеливост, верба и вера, фреквентно се разменуваат во пресрет на Христовото рождество, Божик. Празнично, секоја година во македонското општество се слушаат повици за правење богоугодни дела, во чија основа се моралот, етичките вредности, доброто и правдата. Но, колку тие се практикуваат кога празничното славење ќе заврши?

„Ако трагаме по одговор на прашањето дали во македонското општество можат да се идентификуваат морални (етички) начела кои доминираат во односите, и по што се препознаваат носителите на моралните поведенија, ќе се судриме со елементарното прашање – што е тоа морал“, укажува Цане Т. Мојаноски, универзитетски професор во пензија и поранешен претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Вели дека разликувањето на добрите од лошите дела претпоставува дека во општеството постои минимум согласност околу определен збир на правила и поведенија кои се третираат како добро и добродетелство. А за да укаже на комплексноста на ова прашање, Мојаноски ја посочува белешката на францускиот мислител Жилиен Бенда, за случка што ја раскажал Толстој од времето кога бил офицер, и сведок како еден војник безмилосно бил тепан затоа што излегол од стројот.

„Толстој му се обратил на старешината што физички го малтретирал војникот, со зборовите: ‘Нели ви е срам да постапувате така со ваш близок? Се чини не сте го прочитале Евангелието?’ На ова, тепачот му одговорил: ‘A вие, се чини не сте ги прочитале правилата на службата?’ Клучното прашање овде е: што се зема како основа за градењето на ставот“, објаснува Мојаноски.

Поглед од различни агли

Прашањето е релевантно, со оглед дека во пракса често пати доаѓа до разидување меѓу „правилата на службата“ и Евангелието.

„Дeнес е тешко да се исцрта листата на моралните начела кои доминираат во македонското општество. Таа тешкотија произлегува од бројни фактори. Имено, изборниот резултат, се конвергира во политички, коалициски монопол, кој власта и механизмите на власта преку чинење и нечинење ги претвора во полуги за распределба на богатството (добрата од општа употреба и општ интерес, особено распределбата на буџетските средства) преку политики, активности и содржини, кои, ако се оценуваат од аспект на „правилата на службата“, тие се во функција на прогресот, развојот и општото добро. Но, доколку се набљудуваат од аспект на Евангелието, тие и натаму ги продлабочуваат огромните диспропорции во богатството, ги поддржуваат поединците и бизнисите кои по разни основи се блиски до структурите што одлучуваат и т.н.“, вели Мојаноски.

Истото важи и за други сфери. На пример, каков е соодносот меѓу библиското начело „не кради“ и констатацијата дека нашето општество е висококорумпирано?

„Од аспектот на ‘правилата на службата’, во македонскиот политички систем се институционализирани бројни субјекти, со буџети и вработени, поддржани се од бројни невладини структури во борбата против корупцијата, организирани се бројни обуки, семинари, советувања, научни конференции, одбранети се магистерски и докторски тези, објавени се бројни книги. Тоа може да се смета дека е добро. Но, ако погледнете од аспект на нивото на корупцијата и корумпираноста на земјата (така велат индикаторите кои се земаат како релевантни), таа евисоко на скалата на корумпираноста. Од аспект на Евангелието, тоа е лошо“, споредува нашиот соговорник.

Корупција
Каков е соодносот меѓу библиското начело „не кради“ и констатацијата дека нашето општество е висококорумпираноФотографија: Colourbox

Кога омилените ќе ја поминат линијата

Доминантната трка за пари, рецептите за брза заработувачка и „лесни пари“, не се тенденции што постепено се намалуваат од година во година, туку напротив, тие се во постојан пораст. Она што предизвикува разочарување е кога во нивното промовирање ќе се вклучат и јавни личности, успешни спортисти, омилени ликови на многу генерации. Тие што биле пример и модел за однесување, стануваат главни протагонисти во тв-реклами за брзи кредити и хазардни игри во онлајн казина.

„Ако се набљудува од позицијата на ‘правилата на службата’, може да се каже дека во услови на слободен пазар, тоа е слободна волја и користење на лични предиспозиции или ресурси што се стекнати со години нa вложување во определена дејност, чии резултати придонеле да се стане позната личност, а учеството во таквите акции се набљудува – дали за извршената „услуга“ е платен данок. Но, доколку тоа се набљудува од аспект на Евангелието, тогаш се отвораат бројни дилеми – дали и колку се придонесува за јакнењето на јавниот морал, приврзаноста кон уверувањето дека трудот и сопственоста се основа за стекнување на богатство и, колку личниот пример е впрегнат во градењето на етички односи во општеството“, вели Мојаноски.

Потенцира дека, сепак, постојат определен број вредности како што се слободата, еднаквите можности, мирот, соживотот, чувството на безбедност и почитувањето на разликите во заедницата, кои се темелници околу кои се гради општата слика за моралот и моралните вредности во заедницата, а со чија афирмација се јакне кохезијата во општеството.

Г.г. Стефан, архиепископот на МПЦ - ОА
Г.г. Стефан, архиепископот на МПЦ – ОАФотографија: Petr Stojanovski/DW

Војна против гревот

Дел од Божикното послание од архиепископот Стефан и членовите на Светиот синод на МПЦ – ОА, е посветено на единствената војна што денес треба да се води: војна против гревот и страстите.

„На овој торжествен празник, силно одекнуваат ангелските восклици: Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја! Но, низ сиве овие векови, од Христовото доаѓање, па сè до денешни дни, овие ангелски извици како да се запечатени со заборавот, како да се одвеани од виорот на времето и како да не ги допираат нашите срца, па постојано слушаме за немири, за меѓучовечки конфликти, за судири и за војни, чиј извор се алчноста и злите желби на човекот да го одземе и да го завладее туѓото. Но, да не заборавиме дека единствената војна што треба да ја водиме е војната против гревот и против страстите. Само на тој начин ќе можеме да стекнеме вистински мир. На тој и таков мир, на Христовиот мир, треба да се потпира и сиот човеков духовен живот и односот на човекот кон Бога. И само кај луѓе со таков мир има добра волја, па ним не им е тешко да ги исполнуваат евангелските пораки и да прават добри дела“, се вели во Божикното послание.

Back to top button
Close