Морбидноста на моралната чистота
Говорејќи за средбите со германскиот филозоф Исаја Берлин, Џон Греј раскажува анегдота, која Берлин му ја пренел, а која многу слуковито ја опишува трагиката на носење избори и конфликтноста на вредностите.

„Накратко ќе Ви раскажам една приказна,“ започнува Греј „што тој (Берлин) ми ја кажа за Втората светска војна, која го илустрира ова. Знаеше за случај каде што еден висок државен службеник се појавил пред својата група дактилографи од 20 луѓе и им рекол: ‘Сега ќе направам нешто што е многу погрешно. Ќе го отпуштам секој поединец во оваа просторија затоа што еден од вас му оддава информации на непријателот. Како резултат на тоа истекување, храбри мажи и жени кои се провлекуваат зад непријателските линии се измачувани до смрт и принудувани да откриваат информации. Тоа е ужасно за нив, но и лошо за воените напори. Ова што го правам е погрешно, бидејќи ниту еден од вас никогаш повеќе нема да најде легитимна работа, затоа што ќе имате црна дамка во вашето безбедносно досие. Тоа е секако непоправлива неправда. Вашите животи ќе бидат уништени, но јас сепак ќе го направам тоа.
“ Човекот неправедно уништил 19 животни кариери, поради еден „крт“ меѓу нив, но, пресудил правилно, бидејќи се соочил со:
1. изборот да биде кукавица, да се повлече од функцијата и да не донесе одлука – да не си ги „извалка рацете“
и
2. изборот да го избере „помалото зло“.
Кога во февруари 2022 година Русија ја нападна Украина, емотивно ги прифатив „чистите принципи“ (Вебер) и ја прегрнав идејата дека нападнатата страна со робусната поддршка на колективниот Запад ќе успее релативно бргу да ја одврати агресијата. Но, по неуспешната контра офанзива, оваа војна се претвори во „војна на исцрпување“ која пак, во годините што следуваа ни открија „непријатни“ вистини: и покрај дваесетината кругови санкции и огромната воена (и хуманитарна) помош за Украина, Русија остана витална, како на воено поле, така и на полето на економијата. Претрпе и сè уште трпи сериозни штети, но тие не можат да се споредат со она што го претрпе и трпи Украина. Всушност, уште на почетокот стана јасно дека без директно вмешување на странски трупи, што нема никогаш да се случи, Украина ќе ја изгуби војната и од нејзина корист е да бара преговори што побргу. Денес, руската армија е во многу подобра кондиција од што беше во 2022, за разлика од украинската, која покрај стотиците илјади жртви (се спомнуваат милион загинати и ранети), се соочува со, според украински извори над 200.000 дезертери и над 2 милиони на кои не може да им достави покани за мобилизација. Покрај тоа, Украина ја живее четвртата воена зима, овој пат со девастиран енергетски систем, со граѓани кои се смрзнуваат до смрт, со над 600.000 жители на Киев кои само во еден месец (јануари оваа година, на повик на градоначалникот Кличко) го напуштија градот за да се спасат од смрзнување. „Војната на исцрпување“ не е првенствено борба за територии, туку, како што посочува името, целта е исцрпување на противничката страна до степен на колапс, по што териториите паѓаат со брзо темпо. Во таква констелација, предноста е на онаа страна која има повеќе војници, оружје и муниција.
Во сите категории предноста на Русија е неколкукратна, на одредени линии на фронтот надмоќноста е 7-8 пати во војници. Воената индустрија, пак, ги надмина проекциите во 2025. Да не ни спомнуваме дека се работи држава со најголемиот нуклеарен потенцијал во светот. Ако кон ова ја додадеме новата американска безбедносна стратегија и политиката на Трамп, кој значително ја редуцира поддршката од САД, што Европа не може да ја компензира, ситуацијата за Украина е повеќе од очајна.
Во „Политиката како професија“, Вебер прави разлика помеѓу два типа етика: етика на убедувањето, која следи „чисти“ принципи, без да се земат во предвид последиците. Ако работите тргнат наопаку, крив е светот, а не носителот на одлуката; и етика на одговорноста, во која носителот на одлуки мора да прифати дека често мора да се носат болни одлуки, за да се спречи катастрофа. За Хобс, пак, државата постои за да гарантира безбедност, а доколку војната стане деконструктивна до точка каде што државата не може да ги заштити животите на своите граѓани, рационалниот избор е секогаш во насока на воспоставување мир, дури и ако тој мир е неправеден и несовршен.
Во таа насока е и мојот став, кого го сметам за „про украински“. Сметам дека Украина мора, час побргу, да направи болни компромиси, за да спречи нови жртви, за ништо: териториите и концесиите ќе мора да ги направи, „милом или силом“. Промовирајќи го овој став на социјалните мрежи добив етикета „путинофил“, која сметам дека е одраз на интелектуална мрзливост, неспремност да се разговара рационално на комплексни теми. „Доброволното дарителство на туѓа крв “(Роберто Беличанец) е нарцисоиден морал, лажна, „морална чистота“ промовирана од удобноста на топлите фотељи. Како и стратегија на фанатизам во услови на огромна асиметрија на моќ. Тоа е утилитаристичката логика на Берлин: „нема за што да жалиме ако се бориме за правдата“. Но вистинскиот, длабоко хуманистички став е да се согледа трагичноста на ситуацијата и да се прифати дека изборот е болен: имаме за што да жалиме, но вистината е некохерентна, а во центарот го ставаме човечкиот живот: што е Украина без Украинци? Во овој контекст, „моралната чистота“ како став кој се сугерира како супериорен, е политички кич, кој Кундера го опишува како естетски идеал во кој сите грди работи се негираат. Во тој контекст и инсистирањето на „борба до последниот украинец“ е кукавичлук на апстрактниот морал (Бонхофер).
Затоа, „валкањето на рацете“ со реалноста го сметам за вистинска моралност, храброст да се избере „помалото зло“, а историјата ќе ги цени повеќе оние што спасиле животи преку болен компромис, отколку оние што ја зачувале својата морална чистота, додека земјата им исчезнува. За крај, би го цитирал Крлежа: „Таинствената сила на кобната фраза за светите нешта на татковината, бога, уверувањата и принципите е едно од најмрачните историски страшила“. И да го надоврзам со крикот на Јулија Мендел, бившата портпаролка на Зеленски: „Светот стана нечовечен, не затоа што луѓето се зли, туку затоа што дозволивме звучните фрази да ја заменат едноставната човечност. Украинците не сакаат да бидат ‘отпорни’. Тие сакаат да живеат. Време е да престанеме да и се восхитуваме на издржливоста на луѓето и да започнеме да помагаме овој кошмар да заврши — искрено, реалистично и без илузии.“
Кога реалноста ни налага, мора да ги промениме ставовите, колку и да е болно соочувањето со сопствената „когнитивна дисонанца“. А човек кој не може да го промени својот став, не може да промени ништо.
Кирил Арсов






