Мориконе и Струга

По повод смтртта на Енио Мориконе (1928-2020)

 

Редно е, уште еднаш, во контекст на Македонија да се потсетиме на Енио Мориконе, великанот на светската филмска музика, но и истакнат композитор на класичната музика. Овој пат, покрај извонредниот концерт во охридскиот амфитеатар и доделувањето на „Орденот за заслуги за Македонија“, во врска со уште еден град на Охридското езеро – Струга.

На 3 јули 1989 во римската општина Червара ди Рома, која се наоѓа на највисоката планина од римското градско подрачје (во кое живеат околу 3 милиони жители) склучен е Договор за збратимување меѓу оваа општина и градот Струга. Мотивот за збратимување (gemellate) уметниците и дипломатите го најдовме во поднасловите на двата субјекта: Струга е прогласена како „Град на поезијата“, а Червара ди Рома која се наоѓа на 1053 метри надморска висина за „Европска планина на уметноста за мир“.

Како почесен граѓанин на општината Червара ди Рома, Енио Мориконе, специјално по повод ова збратимување напиша симфониска музика, која на денот на потпишувањето на Договорт во градското собрание на Червара ди Рома ја изведе оркестар од 25 музичари под дирегенската палка на синот на Енио, Андреа Мориконе. Инаку, Андреа е третиот по ред истакнат музичар и композитор во семејството Мориконе.

Воедно, општината Червара ди Рома издаде поштенска картичка со слики и грбови на двата града, а италијанската пошта одобри поштенски жиг со истите мотиви на Струга и Червара ди Рома.

Еве ја приликата и од нас – една голема благодарност за големиот маестро.

Виктор Габер

 

Back to top button
Close