Мостот на Вардар кај Башино Село ќе биде затворен за сообраќај, годинава се очекува да почне изградба на нов
Општина Велес во наредните денови ќе чека техничко решение за санација на мостот од деканот и стручните служби на Градежниот факултет од Скопје за да може за 60 до 90 дена повторно да се пушти за сообраќај барем едната лента на мостот
Мостот на реката Вардар кај Башино Село, што е еден од влезовите во Велес, од денеска ќе биде затворен за сообраќај поради влошената состојба. Мостот ќе биде затворен се додека не се најде привремено решение. Се очекува за околу два месеца за сообраќај да биде пуштена една лента од мостот се додека не се заврши изградбата на новиот мост што ќе биде на растојание од педесетина метри од постоечкиот.
Додека ова се резлизира најголем дел од сообраќајот ќе се одвива низ центарот на Велес.
За влошената состојба на мостот и за конструкциите со висок ризик предупредување имало и од Градежниот факултет од Скопје.
Општина Велес во наредните денови ќе чека техничко решение за санација на мостот од деканот и стручните служби на Градежниот факултет од Скопје за да може за 60 до 90 дена повторно да се пушти за сообраќај барем едната лента на мостот.
Како што информираше денеска градоначалникот Марко Колев паралелно се оди кон проектирање и изградба на нов мост на педесетина метри подолу од овој мост.
Денеска со градоначалникот Колев на мостот кај Башино Село беа премиерот Христијан Мицкоски, министрите за внатрешни работи и за транспорт Панче Тошковски и Александар Николовски и директорот на ЈПДП Коце Трајановски.
Премиерот Мицкоски кажа дека иако уште во 2018 година, тогашниот градоначалник апелирал да се реконструира мостот, тоа не е направено.
„Добро е да се знае дека овој мост е изграден во 1971 година, како времено решение од страна на тогашната Армија. После толку години, еве би рекол ако денеска го гледаме, тоа се 53 години, ова времено решение полека но, сигурно станувало некако трајно решение и дојдовме до состојба во којашто мора да се преземат вакви чекори“рече Мицкоски.
Тој посочи дека во 2019 година сменета е категоризацијата на мостот од локален во државен и дека за реконструкција биле потребни само седум милиони денари.
Мицкоски велејќи дека професорите од Градежниот факултет донеле заклчучок да се забрани секаков вид на сообраќај на овој мост покажа фотографии на кои се гледа дека мостот има комплетно уништена и арматура и бетонска конструкција.
Мицкоски вели дека изградбата на новиот мост треба да почне во втората половина од оваа година и ќе биде на некои педестина метри подалеку од постоечкиот.
Според него, за најмногу еден месец се очекува да заврши изборот на проектанти и тие веднаш ќе може да почнат со работа. Проектирањето би траело околу два месеца, а потоа ќе следува јавна набавка, тендер и се очекува некаде втората половина од следната година да биде изготвен проектот, изведувачот да се избере и да може да се изгради новиот мост, вели Мицкоски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека специјалните единици на МВР учествуваат во подводни снимања на мостот со што ќе се овозможи видео материјал на Градежниот факултет за да направи брз проект за санација и пуштање во употреба на мостот за сообраќај што се очекува да заврши за 60 до 90 дена.
Во меѓувреме, вели Тошковски, сообраќајот што нема да се одвива преку овој мост ќе биде пренасочуван преку Велес, а полицијата постојано ќе го регулира со посебни режими со цел да не се наруши текот на сообраќајот и да нема застои во движењето на возила низ градот Велес.