Мота: Од првата минута на реваншот против Шкендија нашиот мотив ќе биде победа
Очекуваме да направиме многу повеќе отколку на првиот натпревар (во Скопје). Анализиравме сè со играчите и мојот тим, знаеме што треба да промениме и се надеваме дека ќе го имплементираме тоа на утрешниот натпревар, изјави главниот тренер на Лудогорец, Руи Мота, на вечерашната официјална прес – конференција во Разград пред реванш дѕелот против Шкендија од плејофот за пласман во групната фаза во Лига Европа.
Македонскиот шампион допатува во Разград со предност од 2-1 од првиот натпревар во Скопје.
„Од првата минута, нашиот мотив ќе биде да победиме. Ова е во умот на момците и се надевам дека овој резултат, кој беше постигнат на првиот натпревар, ќе биде само случајност. Во Скопје ја искористивме нашата вајлд карта и затоа овој натпревар за нас е исклучително важен. Го одложивме нашиот последен натпревар од првенството бидејќи играњето на секои три или четири денови е многу тешко за физичко закрепнување и беше многу важно за нас да работиме оваа недела и да бидеме што е можно посвежи“, додаде тренерот на бугарскиот првак.
Во врска со повредените играчи Квадво Дуа, Агибу Камара и Џоел Андерсон, стратегот на Лудогорец посочи дека тие сè уште се повредени и продолжуваат да закрепнуваат.
Реваншот во Разград е закажан за утревечер со почеток во 19:30 часот.
Доколку Шкендија ја задржи предноста од првиот натпревар ќе ги продолжи настапите во групната фаза во лига Европа, а во спротивно ќе игра во групната фаза во Конференциската лига.