Може и поочајно

Не можам да поверувам дека власта е толку некадарна, што дури и една реконструкција на Влада не успеа да испланира како што треба. Ние мислевме дека не можат да испланираат редовна набавка на учебници, обрасци за лични документи, регистарски таблички и свидетелства, а тие не можеле да испланираат ни разрешување на сопствените министри. Цела недела не можат да се соберат за да ги разрешат министрите, а допрва нова влада ќе бираат. Дозволија министерот за правда да им даде оставка, а пред тоа да не им ја потпише еврообврзницата од 600 милиони евра. Нивен министер беше Тупанчевски, не беше на опозицијата.

 

Навистина, кој проблем го реши премиерот Димитар Ковачевски кога одлучи да ја земе Алијанса, а ја откачи Алтернатива? Една година едните, една година другите. Проверува ли кој албански партнер повеќе ќе му одговара? Партнерски бизнис ќе тераат, или држава ќе водат? Опозицијата им е виновна затоа што не им помага да си ги разрешат министрите. Божем не знаат со кого си имаат работа. Па знаеме дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се активираат само кога треба нешто да се блокира.

Олку очаен состав на пратеници никогаш не сме имале. Со месеци не ги гледаме во собраниската сала, а во меѓувреме купуваат станови низ Скопје, лажат дека патуваат во родните градови и наплаќаат патни трошоци. Не кријат и не се срамат дека не им е гајле за јавниот интерес.

Но, ни математиката на Димитар Ковачевски и Али Ахмети не го дава очекуваниот резултат – 64 минус тројца од Алтернатива, плус осуммина од Алијанса, минус тројца од Огнените на ДУИ, минус еден Павле Трајанов, плус-минус Мендух Тачи и Скендер Реџепи како во равенка со две непознати. Оди па реши ја, кога среде гласање за реконструкција на Влада претседателот на Собранието Талат Џафери заминува за Словенија. А и самиот Али Ахмети треба да се појави во Собрание, оти тој доаѓа само кога треба да се направи кворум.

А каде сме ние, граѓаните, во оваа весела математика? Во ЕУ нѐ  уценува Бугарија. Дома нѐ уценуваат ДУИ и другите партии на Албанците. Заглавени сме меѓу неспособноста на СДСМ и деструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ. Апасиев се заканува дека ќе стрела и беси, а Мицкоски ни се нуди дека ќе нѐ спасува.

Може и не е толку очајно. Сигурно може и поочајно да биде.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close