Можни се проблеми со греењето во Скопје ако смената на топловодните цевки под мостот „Беласица“ не успее навреме, вели Ковачевски
Три недели остануваат до почетокот на грејната сезона, а топловодните цевки, што треба да се постават на мостот „Беласица“, се уште стојат настрана од него. Цевки кои носат топлинска енергија од когенеративната централа ТЕ-ТО треба да ги постави ЕСМ, но за тоа да почне прво Град Скопје треба да даде дозвола. Доколку овие цевки не се постават навреме скопјани стравуваат дека во одредени делови од градот може да нема парно греење.
Денеска за овој проблем премиерот Димитар Ковачевски рече дека активно се работи и оти не би требало да се доцни.
„Мислам дека во наредните денови ЕСМ ќе треба да започне со поставување на нови цевки, тоа значи одредена подготовка на долниот дел од мостот неврзано со конструкцијата на мостот и врз основа на таа подготовка, која се прави врз претходно вештачење, ќе можат да започнат со поставување на цевките. Доколку не се успее во тој процес, тогаш ќе има проблем греењето во Скопје, но сметам дека не треба тоа да се случи“,
рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.
И премиерот Ковачевски е согласен со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, кој минатата недела рече дека доколку не бидат поставени топловодните цевки на мостот „Беласица“, цената на парното греење, ќе доживее ценовно цунами. Ковачевски потврди дека топинската енергија што се добива од когенеративната централата ТЕ-ТО е неколкукратно поевтина во однос на она што би се добивало од другите топлани кои работат на другите енергенси.
Според Ковачевски, потребна е континуирана комуникација меѓу ЕСМ и Град Скопје
„ЕСМ има многу сериозно пристапено кон овој проблем. Ќе биде потребна дневна комуникација со Град Скопје прво во делот на санирање односно подготовка на подлогите за поставување на цевките, издавање на сооветни дозволи. Сметам дека има време тоа да биде направено. Штом се направи тоа ќе ја олесни работата на Регулаторна комисија за да може да одреди цена на топлинска енергија која ќе биде прифатлива за скопјани“,
рече Ковачевски додавајќи дека целосната реконструкција на мостот не е поврзана со топловодот.