Можно е враќање на дневната евтина струја, но прво да заврши оваа грејна сезона, па ќе се разгледуваат опциите, вели Бислимоски

Можно е враќање на дневната евтина струја, но за тоа ќе треба да почекаме да заврши оваа грејна сезона, рече Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, коментирајќи ги зголемените најави дека е можно да се врати евтината дневна струја.

„Прво да видиме како ќе заврши оваа грејна сезона, да го видиме производството на ЕСМ, да видиме како оди набавката на електричната енергија, па понатаму ќе размислуваме за сите можни опции кои ги имаме“рече тој.

Според него, во периодот од октомври минатата година до јануари годинава домашното производство на електрична енергија е на завидно ниво.

„За јануари 87 отсто од потребите за електрична енергија во државата се обезбедени од домашни капацитети, додека само 13 отсто е увезена за сите потрошувачи, не само за домаќинствата и малите потрошувачи, што е добар резултат. Позитивните трендови продолжуваат, намалени се загубите, а ЕСМ може да има дополнителни приходи од продажбата на вишоците. Така што имаме добар материјал за почеток на дискусија за враќање на евтината дневна струја“објасни Бислимоски.

Back to top button
Close