МПЦ ОА е веќе афтокефална.Јавноста сега ќе прашува за работи кои црквата со години ги крие под тепих

Значи, немате никаква потреба повеќе да и објаснувате на јавноста зошто МПЦ-ОА е автокефална црква со Томосот на СПЦ. Да! Таа е автокефална црква и веќе не е шизматичка, или расколничка организација, туку црква со која нели сите сослужуваат.

И сега веќе кога тоа е така, сега фокусот на јавноста ќе биде друг. Сега веќе ја нема потребата високиот клир на МПЦ-ОА, заради некои високи национални интереси, да живее под стаклено ѕвоно. Го нема веќе ниту Јован, за да медиумите од него прават плашило. Сега тој е тука заедно со вас и сите вие, заедно со верниците, јавноста, медиумите, државата ги уживаме благодатите на една голема автокефална црква. Нели е така?

И затоа отсега натаму јавноста, медиумите ќе се занимаваат со други суштински прашања и теми, кои се секојдневие на една автокефална црква, која не е под никаква закана.

На јавноста сега ќе треба да и давате одговори на други прашања. На пример колку приходи изминатава година остварила МПЦ-ОА, епархиите, правните субјекти на Црквата. Дали и колкав данок е платнен на државата?

Во една автокефална црква јавноста прашува за тоа колку средства МПЦ-ОА лани одвоила за помош и поддршка на лица за лекување во странство. Кои акции се направени за поддршка на такви кампањи. На пример кога ќе биде пуштен во употреба првиот дом за деца без родители? Дали во програмата за социјална активност МПЦ-ОА планира организација и отворање на болници за сиромашни лица? Како црквата ги помага индивидуалците во црквата кои се посветени на социјалната компонента?

Во една автокефална црква, јавноста треба да знае дали владиците на МПЦ-ОА примаат плата и колкави им се нивните примања? Исто така во јавноста сега ќе се отвораат теми околу тоа дали има потреба високиот клир на МПЦ-ОА, па и на другите верски заедници, да ја објавува својата имотна состојба? Можеби јавноста ќе прашува за корупција, за влијанија на црквата во државата? На јавноста треба сега да ѝ се даваат одговори за тоа каква е поврзаноста на некои лица од МПЦ-ОА со банкарски сметки во странство? Време е и за информации дали и зошто не се платени адвокатските трошоци по Австралија. Колку цркви се продадени и зошто?

Во една автокефална црква прашања од суштинско значење кои се отвораат се потребата за фискализација на дел од услугите на верските заедници. Особено оние кои се продаваат по црковните продавници, а не се производ на македонските манастири, туку купени од Грција, Србија, Бугарија, Русија. Начинот на финансирање на верските заедници е прашање од особен интерес. Во преговорите со ЕУ сите овие теми, сакале или не, ќе се отвораат. Придонесите за свештениците, како се плаќаат и дали можат достоинствено утре да заминат в пензија?

Автокефалните цркви водат грижа и евиденција за своите имоти. Редно време е јавноста да знае што се доби МПЦ-ОА како денационализација? Од имот до пари. Во каква состојба е тој имот? Дали го има сè уште на располагање, или дел од него е отуѓен? Имало ли, или не проневера на државни обврзници од денационализација во која висина? Кој е резултатот од брокерските игри со црковни пари? Има ли санкции, или награди за тие што го терале тој проект? Се тоа се прашања за кои од сега натаму јавноста ќе се интересира секојдневно.

Зошто на пример една автокефална црква би криела колку станови има Тетовската, колку Кумановската епархија, колку и дали треба да име на пример Скопската епархија станови во комплексот спроти ГТЦ? Легитимно е да се добијат одговори и за имотите во Сопиште. За недоизградената црква Свети Мина. Колкав процент од сопствеништвото ќе има МПЦ-ОА во проектот за типски куќи во Споиште?

Една автокефална црква се ова убаво и педантно го евидентира и на јавноста барем еднаш годишно и предочува колкав бенефит верниците имаат од тоа. Така барем прават сериозните автокефални цркви.

Тоа се тие прашања на кои високиот клир сега треба да се фокусира и да се насочи. Меѓу нив на пример и зошто на Богословскиот факултет веќе нема студенти, а врие од непотизам? Или на пример за вечното правило роднини на владиците да бидат старешини и удомени во најдобрите цркви на МПЦ-ОА?

Тие прашања дваесетина години се ставени под тепих, затоа што Црквата „учтиво“ замолуваше да не се прават поделби, бидејќи националниот интерес е голем и црквата треба да се сочува. Ете сега е сочувана, сега е обединета, сега е автокефална, ама сега е ред да видиме дали е и функционална?

Целата колумна на Марјан Николовски на религија.мк

Back to top button
Close