Мртов пратеник „гласал“ 11 пати во рускиот парламент

Член на Државната Дума, долниот дом на рускиот парламент, официјално учествувал во 11 гласања во вторник, иако починал истиот ден од „сериозна болест“, јави рускиот Би-Би-Си Њуз.

Пред неговата смрт, долгогодишниот пратеник Михаил Тарасенко (77) од владејачката партија Единствена Русија бил „болен, сериозно болен“, им рекол претседателот на Државната Дума, Вјачеслав Володин, на колегите пратеници, според државната новинска агенција ТАСС.

Володин ја објави веста за смртта на Тарасенко кратко откако Думата усвои контроверзен закон за пребарување „екстремистичка“ содржина на интернет, што многу активисти го сметааt за чекор кон понатамошна цензура на дигиталниот простор во Русија.

Според Би-Би-Си, иако Тарасенко официјално не гласал за законот, записите покажуваат дека тој гласал за неколку други закони што ги разгледуваше Думата тој ден, вклучувајќи еден што им дозволува на вдовиците на војниците убиени во Украина да ги користат возилата на своите починати сопрузи пред формално да ги наследат.

Гласовите на Тарасенко најверојатно ги дале неговите колеги пратеници кои ја имале неговата гласачка картичка, што, според Би-Би-Си, се случувало и претходно во случаи кога пратениците биле болни.

Михаил Тарасенко, член на Комитетот на Државната дума за труд, социјална политика и прашања на ветераните, е поранешен челичар кој е член на Долниот дом на рускиот парламент од 2007 година, а пред тоа имал високи позиции во металуршкиот сојуз на Русија.

 

Back to top button
Close