„Мртов шиптар“: Порака на омраза пред очите на Уставниот суд во Скопје
Натпис со говор на омраза на етничка основа на кој пишува „Мртов Шиптар“ стои на ѕидот од зградата пред Уставниот суд на Северна Македонија во Скопје. Во ова зграда каде што има неколку канцеларии се наоѓа и канцеларијата „Еден пункт за услуги“ на Министерството за дигитална трансформација, пишува Порталб.мк.
Од Кабинетот на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за Порталб.мк изјавија дека Министерството за дигитална трансформација поседува простории во внатрешноста на зградата и во таа насока не е надлежно за надворешните делови на зградата.
„Во овој објект се сместени и други институции кои имаат простории и се надлежни… Изразуваме жалење за ваквото вандалско однесување на некои наши сограѓани“, велат од Министерството за дигитална трансформација.
За овој натпис од Основниот суд за Порталб.мк велат дека ќе ги известат надлежните органи за понатамошно постапување.
„Ви благодариме што ни дадовте до знаење. Споменатиот објект не е во сопственост на Уставниот суд, но со оглед на содржината која содржи елементи на говор на омраза, Судот ќе ги извести надлежните органи за понатамошно постапување“, изјавија од Уставниот суд.
Порталб.мк овој случај го пријави во Министерството за внатрешни работи. Но, од оваа институција до објавувањето на овој напис не добивме одговор дали ќе преземат мерки и дали кај нив биле пријавени вакви случаи во последните две години.
Инаку, во Скопје има многу графити кои содржат говор на омраза, дискриминација, нетрпеливост и други натписи со штетна позадина. Ваквите натписи се закана за мирот, стабилноста и соживотот на граѓаните.
Говорот на омраза е казниво дело
Во Кривичниот законик се наведени неколку кривични дела мотивирани од говор на омраза, вклучително и оние извршени преку Интернет. Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги забранува емитување на медиумски содржини кои поттикнуваат или промовираат дискриминација, нетолеранција или омраза. Законот за заштита и спречување од дискриминација забранува поттикнување на дискриминација и вознемирување врз дискриминаторска основа.
Извор: мета.мк