МТСП ќе спроведе неколку мерки за унапредување на правата на децата и лицата со попреченост

Министерството за труд и социјална политика ја известува јавноста дека во соработка со другите релевантни министерства и институции, а врз основа на барањата на здруженијата на граѓани на лицата со попреченост и родителите на децата со попреченост,  во 2022 година ќе спроведе неколку мерки кои се во интерес на унапредување на правата на децата и лицата со попреченост:

·      ослободувањето од партиципација за лицата со попреченост над 26 години корисници на правото за попреченост при специјалистичко – консултативна здравствена заштита, болничко здравствена заштита и за лекови издадени на рецепт на товар на Фондот за здравствено осигурување;

 

·         измена и дополнување на Законот за заштита на детето со кое ќе се овозможи покачување на посебниот додаток за 15% за сите три подвидови на корисници;

 

·          намалување на возрасната граница за остварување на правото за траен надоместок за родител кој се грижел за своето дете со попреченост до неговата 26 годишна возраст;

 

·         измена на Законот за социјална заштита со кое ќе се дополни делот за децата/ лицата кои можат да ја користат услугата за лична асистенција и за децата/лицата со комбинирана попреченост, но каде едната од попреченостите е  најтешка телесната попреченост;

 

·      измена и дополнување на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде се предвидува цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните Дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно по корисник.

 

·          воведување на Регистар за лицата со попреченост;

 

·       измена на Правилникот за ортопедски помагала со што ќе се овозможи да се доделуваат ортопедски помагала – чевли на секои 6 месеци за сите возрасни групи;

 

·          подготовка на нова Национална стратегија за лицата со попреченост 2022-2027;

 

·      обезбедување на обуки и понуда на работни места за невработените родители на децата со попреченост во услугите од социјалната заштита и во Дневните центри;

 

·          отворање  на Центар за рана интервенција во соработка со Министерството за здравство и со Граѓанските организации;

 

·         отворање на 10 станбени единици за живеење со поддршка за 50 корисници од Специјалниот Завод Демир Капија и ЈУ Завод за рехабилитација Скопје.

 

Министерството ќе продолжи да ги унапредува правата на децата и лицата со попреченост во консултација со граѓанските организации, Националните Сојузи и родителите на децата со попреченост со кои во изминатите три години ги реализиравме следните мерки и политики:

 

·         воведување на две целосно нови услуги за децата и лицата со попреченост – Лична асистенција (269 денари за час) и услугата Домашна нега (289 денари за час);

 

·         проширување  на правото за попреченост за лицата со интелектуална попреченост;

 

·        зголемување на додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост,  до 50% од просечна нето плата;

 

·         воведување на траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж (8000 денари месечно);

 

·         зголемување на износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15% и дополнително овој износ се зголемува за 25% и изнесува 6276 денари за материјално необезбедени семејства и зголемување за 50%, односно 7531 денар за самохраните родители коишто имаат дете со попреченост;

 

·         обезбедени средства и вработување на 500 образовни асистенти во наставата за кои се обезбедени 216 милиони денари;

 

·         отворени 7 станбени единици за живеење со поддршка за 35 лица до Специјалниот Завод Демир Капија.

Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи да биде отворена институција за сите, бидејќи само заедно можеме да ги подготвиме најдобрите решенија кои се во интерес на подобрувањето на пристапот до правата и услугите од социјалната заштита, но и пристапот до пазарот на трудот и подобрување на капацитетите за вработување кај лицата со попреченост.

 

 

Back to top button
Close