МТСП: Ги јакнеме згрижувачките семејства, најдобар интерес за секое дете е да расте во семејна средина

Преку онлајн обука за јакнење на капацитетот на системот за социјална заштита за проценка, подготовка и континуиран развој и поддршка на згрижувачките семејства, што почна денеска, претставници на МТСП, Заводот за социјални дејности, центрите за социјална работа и други социјални установи и граѓански организации од земјава, со долгогодишно искуство на полето на згрижувањето, ќе стекнат нови сознанија и информации за соврмените европски практики поврзани со згрижувањето.

Со ова, како што посочуваат од МТСП, продолжува постојаното унапредување на згрижувањето и јакнењето на згрижувачките семејства, како најадекватна форма за грижа за децата без родители или без родителска грижа.

Обраќајќи се на почетокот на обуката, дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ нагласи дека јакнењето на згрижувачите е инвестиција во иднината на децата без родителска грижа.

-Сакаме сите деца да имаат среќно детство и во иднина да придонесуваат за благосостојбата на нашето општество. Кон промените во згрижувањето пристапуваме внимателно и земајќи ги предвид најдобрите искуства на нашите пријатели од Европа. Кога на почетокот од мандатот во 2017 година најавивме дека до крајот на 2020 нема да има повеќе деца кои живеат во големи, сиви и безлични институции, многумина беа скептични. Тоа го постигнавме една година порано. Сигурна сум дека во следните години ќе го унапредиме квалитетот на згрижувањето кај нас и ќе обезбедиме квалитетна семејна средина за сите деца во нашата земја, рече Шкријељ.

Обуката е дел од активностите кои во наредниот период треба да резултираат со ревидирање на стандардите за квалитет и на процедурите поврзани со згрижувањето.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција ди Џовани, поздравувајќи ги присутните на обуката рече дека децата најдобро растат и се развиваат во средина исполнета со љубов и нега, поддржани од возрасни кои се грижат за нив и нивните потреби.

-Ниту една институција, без оглед колку е опремена, не може да обезбеди средина што е потребна за децата да се развијат во рамки на својот целосен потенцијал. Ова е научно докажано и е во согласност со Конвенцијата за правата на детето и Упатствата на ООН за алтернативна грижа за децата. Зајакнувањето на системот за згрижување е дел од пошироката реформа за грижата за децата и ние мора да обезбедиме овој процес да продолжи. УНИЦЕФ останува посветен да работи со сите партнери во овој процес и ќе продолжи да го поддржува развојот на низа услуги во заедницата за децата и семејствата, и уште поважно, со ова ќе настојува да помогне во напорите за превенција од напуштање на децата и нивно одвојување од семејствата, истакна таа.

Законот за социјалната заштита од 2019 година даде законска основа за воведување специјализирани згрижувачки семејства кои ќе бидат оспособени и поддржани да згрижуваат деца со комплексни потреби – новороденчиња, деца со попреченост или деца со предизвикувачко однесување.

Истовремено, МТСП спроведува подготовки за воспоставување центри за поддршка на згрижувачките семејства во Скопје и во Битола, кои ќе бидат сместени во зградите на поранешните големи установи за сместување деца без родителска грижа. Оваа обука ќе им овозможи на учесниците да ги согледаат предностите и недостатоците на македонскиот модел на згрижување и во идните решенија да ги вградат најдобрите практики и модели од Европа.

Обуката е дел од техничката помош на УНИЦЕФ за унапредување на згрижувањето и ќе ја реализираат двајца експерти од Велика Британија. Финансиската поддршка ја обезбеди Британската амбасада.

Back to top button
Close