Му паднал телефонот во море, 27-годишник скокнал да го извади и се удавил

Трагичен настан се случил во морскиот предел кај Лејдис Мајл во Лимасол, Кипар, каде што 27-годишен маж го загубил животот откако скокнал во морето во обид да го пронајде својот мобилен телефон.

Несреќата се случила на 15 август, а деталите за случајот беа објавени откако била извршена обдукцијата, која потврдила дека причината за смртта е давење.

Според информациите од британските бази на Кипар, 27-годишниот маж, по потекло од Египет, се наоѓал на катамаран кој пловел во близина на плажата Лејдис Мајл.

Во еден момент неговиот мобилен телефон паднал во морето. Младиот човек скокнал во водата во обид да го пронајде и извади телефонот. По него во морето влегол и 27-годишен маж од Јордан.

Набргу потоа и двајцата биле забележани без свест во водата. Луѓето кои се наоѓале на пловилото ги извлекле и веднаш им била укажана прва помош.

Мажот од Јордан успеал да се освести и да преживее, но за 27-годишниот Египќанец, за жал, немало спас.

Полицијата на британските бази ги истражува околностите под кои дошло до трагедијата.

Back to top button
Close