Муцунски ја посети болницата „Каролинска“ во Стокхолм, каде беа хоспитализирани македонските пациенти повредени во пожарот во Кочани
Во рамки на дводневната работна посета на Шведска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ја посетил универзитетската болница „Каролинска“ во Стокхолм, каде беа хоспитализирани четворица пациенти повредени во пожарот во Кочани.
Во текот на посетата, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски остварил средба со раководството на болницата, при што беа презентирани капацитетите, ресурсите и експертизата со кои располага оваа реномирана здравствена установа, која во 2025 година беше рангирана како петта најдобра болница во светот.
Министерот изразил искрена благодарност до целиот медицински персонал за солидарноста, високото ниво на грижа, стручност и професионалност.
-Имавме одлична можност прво да се заблагодариме на директорот на болницата, на докторите и медицинските сестри кои што работеле со нашите пациенти, но исто така да ја искористиме оваа посета за да извлечеме искуства и дополнителен мотив за соработка, изјавил министерот Муцунски.
Во рамки на разговорите се отворило и прашањето за можностите за воспоставување институционална соработка помеѓу македонското и шведското здравство, со акцент на размена на искуства, експертиза и поддршка.
-Разговаравме за понатамошна соработка помеѓу нашите медицински центри и нашите здравствени власти со Медицинскиот центар ‘Каролинска’, и тоа во многу конкретни области. Останува да ги пренесеме тие контакти и можности до институциите во Скопје и заедно со колегите да почнеме поактивно да ја развиваме таа соработка во делот на здравството, додаде министерот во својата изјава.