Муцунски: Ако ја коментирам изјавата на Ангел Димитров, ќе ја постигнам неговата цел за политизирање на процесот на историската комисија
Ако навлезам во коментирање на тоа што го кажал господинот Ангел Димитров, веројатно ќе ја постигнам целта што тој ја посакува, а тоа е политизирање на процесот.

Ова е коментарот што го даде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во врска со изјавата на копретседавачот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу С Македонија и Бугарија, Ангел Димитров, оти работата на Комисијата е блокирана.
Муцунски е дециден дека политиката нема право да се меша во академската слобода, а дека членовите на историската комисија треба да дебатираат и ако успеат да дојдат до некакви заклучоци да го водат процесот низ призма на своите научни познавања.
„Политиката ги има тргнато рацете од кога Владата ја предводи премиерот Мицкоски и откако јас сум министер за надворешни работи и надворешна трговија. Ниту имаме направено притисок ниту влијание, што за жал се случуваше во минатото за што има сведоштва од членовите (на комисијата) во тоа време. Доколку навлезам во коментирање на тоа што го кажал господинот Димитров, а верувајте имам личен став како човек по однос на многу работи што ги кажа тој во последниот период, веројатно ќе ја постигнам целта што и тој ја посакува, а тоа е да го политизираме тој процес“ изјави Муцунски одговарајќи новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Додава дека веројатно постојат различни толкувања за одредени состојби на двете страни од границата, но повтори дека академските претставници независно да ги водат разговорите.
„Ние не смееме никако да им ставаме какви било притисоци ниту со наше толкување на фактите ниту да им воспоставуваме какви било временски рамки, тие имаат слобода да работат како што мислат најдобро“ додава министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Копретседавачот со Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, Ангел Димитров, неодамна изјави дека работата е во застој и е блокирана, а оти Комисијата е еден вид алиби во моменталните комплицирани односи меѓу двете држави.






