Муцунски: Има разговори „под радарот“ за деблокада на ЕУ-интеграциите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија во интервју за МИА потврдува дек преку, како што тој ги нарекува, разговори „под радарот“, тече процес за трајно и одржливо решение за деблоката на процесот кон ЕУ

Муцунски вели дека кај актуелната влада нема подготвеност за попуштање за прашања поврзани со идентитет, историја, јазик и култура и дека не смее да се споделуваат детали од разговорите ако се сака тие да успеат.

 

„Граѓаните треба да бидат спокојни дека нашата Влада јасно знае како го има добиено својот легитимитет, јасно го следи ставот на граѓаните во однос на ова прашање и има јасно нацртани црвени линии и позиции и прашања за кои што не е подготвена да преговара. Така што работиме на решение, но ќе повторам, не решение по секоја цена и не решение кое само по себе нема да биде одржливо и кое ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која што се наоѓаме сега“,вели Муцунски.

Не се сомнева дека е потребен политички консензус за оваа тема притоа, повторно, критикувајќи ја опозицијата за, како што ги нарекува, грешките во минатото.

„Пред скоро точно пет години, на 29 јули 2021 ние во Собранието постигнавме политички консензус со резолуција поврзана со држaвните позиции поврзани со националниот интерес. Тука мислевме на идентитетски, историски и други прашања. Речиси со консензус ја изгласавме таа резолуција, но тогашната влада на ДУИ и на СДСМ во рок од неколку месеци потоа го погази тој консензус. Инаку, ако ме прашувате дали ни е потребен консензус, без никаква дилема. Но, тука прво опозицијата мора да почне да живее во рамките на реалноста, а реалноста е дека нејзината попусливост и немањето капацитет далекусежно да се гледаат последиците од тоа што се случуваше во 2021 и 2022 година не доведе до оваа позиција до којашто сме сега. Имаат легитимно право, па јас би рекол скоро за се да дадат и критика и став. Тоа е и функцијата на опозиција во една парламентарна демократија, нели, да дава критика, да дава инпут“,вели Муцунски.

За критиките на опозицијата дека оваа влада со своите постапки назадува на европскиот пат, Муцунски објаснува дека тоа прашање има два дела – првиот, дека државата напредува во делот на реформите, и вториот – дека предизвикот со Бугарија останува.

 

„Дали државата назадува по европскиот пат? Легитимно е прашањето да го поделите на два дела. Прво е делот на тоа што правиме од стратешка природа во делот на внатрешните реформи. И евроамбасадорот кажа. Но ете, да не го парафразирам, најдобро е тие да ви дадат инпут, јас ќе ви кажам, ќе се види и последниот извештај што доаѓа на Европската комисија дека државата напредува во делот на реформите. ЕУ нагласува дека како држава ја пофалува нашата стратешка определба – ние сме земја со целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика, земја која што прва во регионот потпиша партнерство за одбрана и безбедност со ЕУ и земја која што знае каде ја води својата надворешна политика. Но, точно е, ни останува предизвикот со Бугарија. Вештачки создаден предизвик, меѓу другото, создаден заради тоа што две политички партии, да се одржат на власт, попуштија сè што се бараше од нив и тоа работиме да го решиме. Во меѓувреме, дури и да се реши ова прашање, ќе бидеме најдобриот возножен кандидат и сме на вистинскиот пат во таа смисла“,изјави Муцунски за МИА.

Back to top button
Close