Муцунски: Поддршка за Левица и за нивните кандидати на изборите е скриен глас за СДСМ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, вели дека тој лично не ја познава професорката Билјана Ванковска, кандидатка на Левица за шеф на државата, и затоа не би можел да каже дали таа имала улога на „помагач“ на изборите во 2019 година Гордана Силјановска-Давкова да победи во претседателската трка. Ова беше одговорот на Муцунски прашан дали знае на што мисли Ванковска кога вели: „Мицко ме нарече измеќарка. Во право е, измеќарка им бев во 2019 година кога се отепав од работа. Си знаат добро што работев, а можам и да ги потсетам ако заборавиле“.

Но, според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, од она што тој со сигурност може да го каже е дека секој глас за Левица и за кандидатите на Левица на претстојните двојни избори е скриен глас за СДСМ и дека овој факт е очигледен. Сепак, проценува тој, кај граѓаните се развива зрелост со која тие го препознаваат тоа и покрај тоа што Левица негодува за ваквите ставови на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие се опозиција на опозицијата, кога ги гледате нивните изјави и објави, гледате една страшна опседнатост со дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ, која е главна опозициска партија. Доколку сите велиме дека главниот проблем во државата се СДСМ и ДУИ, тогаш логично би било ние да разговараме за опозициско обединување и како да ја срушиме оваа власт, но гледате подолг период, ова е нешто што во континуитет се случува“вели Муцунски.

Според него, во демократија е дозволено се и добро е што на изборите ќе има широк спектар на кандидати. Сепак, убеден е дека во текот на кампањата и по дејствувањето на кандидатите граѓаните ќе осознаат повеќе за партиите кои стојат зад кандидатите.

„Едно е вие да настапувате со свои автентични ставови и да кажете за што стоите, кои се вашите ставови за оние круцијални прашања од внатрешна и надворешна политика, но јас гледам во последните недели изјави фокусирани за личности дали е тоа Мицкоски, дали е Силјаноска-Давкова, дали Муцунски, Пецаков, да ги наброиме сите понатаму на кои гледаме сериозен фокус од Левица и од нивниот кандидат, но не гледам став со кој би привлекле гласови“кажа Муцунски.

Кога станува збор за внатрешните превирања во политичката партија Левица, на новинарско прашање дали нападите на Левица можеби серезултат на тоа што таму препознаваат „замешателство“ на ВМРО-ДПМНЕ, Муцунски вели дека процесите во Левица говорат за тоа во каква состојба е таа партија, но и за луѓето кои ја раководат.

„Тоа што можам да го кажам од мое лично искуство, но и од партиско и професионално искуство, е дека отсекогаш Левица имала проблем со ВМРО и со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а ние немаме проблем со нив. Имаат право автономно да си дејствуваат, но би сакале да видиме став од нив не само против што се, сите знаеме кои се негативните состојби во општеството и што се прави лошо од актуелната власт, но добро е наместо да се занимаваат со опозицијата да почнат да нудат конкретни предлози и решенија“вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром.

Back to top button
Close