Муцунски: Работиме на засилување на динамиката на средби со официјална Софија, подготвени сме за рационални решенија согласно европски вредности

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски денеска изјави дека се работи на засилување на динамиката на средби со официјална Софија и оти сме подготвени за изнаоѓање на рационални решенија во рамките на европските вредности, но наше и да ставиме јасна црвена линија дека по однос на одредени прашања поврзани со идентитетските атрибути.

-Наше е да нудиме решенија, но наше и да ставиме една јасна црвена линија дека по однос на одредени прашања македонските граѓани и нашата Влада не се подготвени да преговараат и разговараат. По однос на редефинирање на нашиот идентитет, по однос на прашања од историската природа кои можеме со апсолутна сигурност да ги констатираме, по однос на прашања со другите идентитетски атрибути на македонскиот народ, за такви прашања не сме подготвени да разговараме, но, да, сме подготвени за изнаоѓање на рационални решенија во рамките на европските вредности и секаде онаму каде што има волја, може да се најде соодветен пат, изјави Муцунски на прес-конференција во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Тој истакна дека се работи на засилување на динамиката на средби со официјална Софија и оти постои иницијатива за средба на Самитот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов.

-Се надеваме дека таа средба ќе се оствари, има засилена комуникација во следните денови, се уште не можеме ништо да потврдиме. Претседателката Сиљановска Давкова, јас заедно со министерот за одбрана ќе бидеме дел од таа делегација и се надеваме дека една таква средба ќе може да даде импулс кон изнаоѓање на некое решение, рече Муцунски одговарајќи на новинарски прашања.

Потсети дека земјава е посветена на евроинтеграциите и дека се преземени конкретни чекори како државата да се движи напред во евроинтеграциите.

-Во последната година од мандатот на Владата, станавме прва земја од регионот која потпиша Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, станавме дел од заедничкиот европски систем на плаќање – СЕПА. Станавме прва земја во регионот којашто прими средства од Планот за раст. Што значи дека ние не само што сме покажале дека сме посветени на процесот на евроинтеграција, туку имаме и конкретни придобивки од тоа што чекориме напред кон ЕУ. Затоа, велам, преземени се конкретни чекори како државата да се движи напред кон полноправно членство, но таа политичка бариера од Бугарија постои, бидејќи овие мерки ја движат напред земјата кон полноправно членство во ЕУ, но никако не можат да го заменат процесот на отварање на преговори, порача Муцунски.

Тој информира дека имаат и тековна комуникација со сите земји-членки, фокусот е со Европската комисија и со Европскиот парламент, како и колку што е можно соодветни канали на комуникација со Бугарија, којашто го блокира овој процес.

-Не велиме дека ќе биде лесно, но сметаме дека доколку имаме принципиелни позиции, доколку имаме јасен став, доколку Бугарија развие свест за геополитчките случувања – ќе има разбирање и во Софија дека треба што побрзо да се откочи овој процес, оцени Муцунски.

Премиерот Христијан Мицкоски викендов информираше дека е остварена комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во државава по иницијативата за средба со бугарската страна  и оти има предлог термин, за кој се чека да се изјасни Бугарија. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, пак, во петокот кажа дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг, со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг, во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции.

 

Back to top button
Close