Муцунски смирува дека нема договор со Велика Британија за прифаќање мигранти
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска преку Фејсбук порача дека ниту Владата или МНР воделе разговори со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти.
„Во целост ја отфрлам дезинформацијата дека Владата или Министерството за надворешни работи и надворешна трговија разговарале или склучиле било каков договор со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти. Такво нешто не постои – ниту како иницијатива, ниту како политичка намера,“ напиша Муцунски.
Реакцијата на Муцунски е реакција на изјавата на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој праша дали Владата разговара за евентуално прифаќање мигранти по примерот на договорите што Лондон ги склучува со трети земји.
Министерот за надворешни работи вели дека станува збор за неосновани шпекулации.
„Ваквите изјави, за жал, се израз на целосно непознавање на состојбите и на тековните дипломатски ангажмани на државата. Со Обединетото Кралство имаме стратешко партнерство засновано на заемна доверба, политичка, економска и безбедносна соработка, а не на шпекулации и сензационализам,“ порача министерот.