Муцунски: ВМРО-ДПМНЕ нема да соработува со некој што е близок со ДУИ
Доколку Арбен Таравари има намера да соработува со ДУИ, тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да соработува со него, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во Дневник на телевизија Сител.
– Владата е стабилна, владиното мнозинство е стабилно. Владата работи посветено на реформи. Јас тоа го кажав и пред неколку недели, дека доколку господинот Таравари одлучи да работи со ДУИ, тогаш не може да соработува и со ВМРО – ДПМНЕ. Ние како политички субјект не сме подготвени да имаме соработка со некој којшто има за цел понатаму да дејствува политички во координација со ДУИ, барем до момент дури ДУИ не се реформира, а ДУИ во моментот е далеку од реформиран политички субјект, вели Муцунски.
Министерот Муцунски потенцираше дека токму ДУИ е виновникот за нарушените позиции во надворешната политика, па со оглед на тоа таков политички субјект не може да биде парнер со ВМРО-ДПМНЕ.
– ДУИ е виновникот за голем дел од овие нарушени позиции меѓу другото и во надворешната политика, заради тоа да се вршат криминални активности, се воделе попустливи надворешни политики, и во таа смисла некој што ги нарушувал стратешките позиции на државата, некој што си дозволил да води таква безобразна и бахата внатрешна политика, не може да биде партнер со ВМРО-ДПМНЕ и некој што е партнер со таков субјект, исто така не може да биде партнер со ВМРО-ДПМНЕ, рече Муцунски.
Според него, јавноста ја препознава вистинската и чесна намера на Владата, во спроведувањето на реформите.
– Тоа што верувам дека граѓаните го чувствуваат е чесна намера за реформи, насочени кон подобра иднина на државата. А со оглед на јавните настапи на Таравари, изгледа дека е одлучен да настапува заедно со ДУИ, што значи за таков субјект кој соработува со ДУИ, неможе ВМРО-ДПМНЕ да соработува со него, заклучи Муцунски.