Муцунски: Во овој момент нема услови за уставни измени
Остануваме со јасна стратешка ориентација во надворешната политика, но исто така цврсто остануваме на позицијата дека во овој момент услови за уставни измени нема. Услови за уставни измени може да се создадат врз основа на градење меѓусебна доверба, како што често повторуваме, а меѓусебната доверба може да се изгради, прво, ако има институционални гаранции за што верувам дека нема проблем кај речиси сите земји членки, освен кај една – изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарски прашања.

– Тука е најголемата грижа и исто така очекувањето дека соседна Бугарија, кога би очекувала ние да го внесеме бугарското малцинство во нашиот Устав, најмалку што би можело да направи е да си ги исполни своите обврски во согласност со меѓународното јавно право, односно тука мислиме на Европската конвенција за човекови права – рече Муцунски во изјава за медиумите пред почетокот на Бизнис-форумот на ИТ-компаниите, во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Здружението на информатичките компании на Грција (СЕТПЕ).
Во врска со изјавите на претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, дадени за време на посетата на Скопје, дека единствени заклучоци што може да се дадат се тие дека Македонија треба да го исполни она што е договорено, Муцунски рече дека не слушнал таква експлицитна изјава и оти ние како држава остануваме посветени на европските реформи.
– Ме радува тоа што господинот Кошта јавно како највисок претставник на ЕУ го кажа она што Владата долг период го говори, а тоа е дека во оваа држава има влада која е посветена на европските реформи. Влада што имплементира европски реформи и Влада што во делот на надворешната политика има стратешка јасна ориентација и тоа ја разби онаа хистерија што одредени политички структури во оваа држава се обидуваа да ја создадат, а јас не слушнав и не би навлегол во прашањето на толкување на изјавата на Кошта, но таква експлицитна изјава како што вие велите дека дека имало, јас барем не слушнав во тој дел. Јас она што би можел да го кажам е дека ние како држава остануваме посветени на европските реформи – истакна Муцунски.
Тој посочи дека според него кај највисоките претставници на ЕУ постои желба за стимулирање дијалог помеѓу двете држави и од таа гледна точка ние ќе бидеме не само конструктивен туку и продуктивен фактор. – Покрај тоа што велам дека имаме јасни позиции, секогаш нагласувам дека ние немаме алтернатива, освен европскиот пат. Очигледно е дека во моментот постои сериозен интерес од страна на земјите членки и на европските институции за раздвижување на политиката за проширување и доколку тој интерес е искрен, секако и за нашиот спор ќе се најде соодветно европско решение – посочи шефот на дипломатијата.
Во однос на очекувањата од самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Муцунски посочи дека со самото тоа што самитот ќе се одржи во опкружувањето на Западен Балкан, тоа е порака за регионот, а очекува и да бидат испратени дополнителни сигнали за охрабрување кон регионот во колективна смисла.
– Веројатно една од темите на дискусии ќе биде, бидејќи се очекува присуство на германскиот канцелар Фридрих Мерц, како тој ја гледа политиката на проширување, а еден од позитивните сигнали што ги слушаме, но веројатно изворно ќе го слушнеме во Тиват, е дека и тие идеи што тој ги образложи во своето писмо не се толкуваат алтернативно, односно дека ќе има некој нов модел без пат кон полноправно членство, туку како еден паралелен процес што би се одвивал. Но, секако, секогаш е најдобро, покрај информациите што ги добиваме, и изворно да слушнеме што имаат да кажат највисоките претставници и на земјите членки и на европските институции – истакна Муцунски.
Во однос на нацрт-извештајот на Томас Вајц усвоен вчера во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за забелешките во делот на реформите за владеење на правото, Муцунски вели дека конечната верзија не е усвоена и оти се работи за извештаен период до ноември-декември минатата година.
– Точно дека има критики, но исто така има и пофалби за одредени реформи што Владата ги спровела и се поврзани со владеењето на правото, со реформата на јавната администрација, со дигиталната трансформација. Така што, извештајот, јас би рекол, во тој дел е балансиран. Веќе кажав, и јас не сум задоволен од степенот на кој правосудството врши испорака на прашања по предмети поврзани со висока корупција. Еден пример, на кој сме сведоци, е предметот поврзан со „мазутот“ и индициите се за сериозно и тешко кривично дело извршено по тоа прашање. Би го гледал овој извештај како еден балансиран извештај и ние како држава не се согласуваме со сѐ што има внатре во тоа, но ние го немаме правото да бидеме рецензенти на содржината на тој извештај, а имаме обврска да го гледаме, да си го дадеме својот став и да продолжиме да го правиме она што, не само во согласност со моето гледиште туку и во согласност со гледиштата на највисокиот претставник на ЕУ, државата го прави правилно и соодветно, а тоа е државата работи посветено на реформите. Државата спроведува реформи и без никаква дилема, ќе повторам, слушнете го и господинот Кошта, а и прочитајте го извештајот, каде што се пофалени надворешната политика и стратешката ориентација на државата – рече Муцунски.
Во однос на амандманите во извештајот поднесени од бугарски европратеници, во кои се повикуваат двете влади и на Бугарија и на Македонија да ја одржат третата меѓувладина комисија, со цел спроведување на договорот за добрососедство и неговите протоколи, вели дека несомено треба да водиме дијалог со Софија и да одржуваме состаноци на највисоко ниво.
– Во суштина тоа не е проблемот. Проблемот е што, меѓу другото, Бугарија го прекршува договорот за добрососедство. Дали е добар, дали е лош? Еве да го тргнеме тоа прашање. Имам и јас свои гледишта за ова прашање. Еве да го тргнеме тоа прашање настрана. Бугарија во тој договор се има обврзано дека ќе го поттикнува и поддржува нашиот евроинтеграциски пат, а не го прави тоа. Доколку ме прашате дали ние треба да имаме повеќе средби на високо ниво, треба да има. Следната недела очекувам јас и претседателката Сиљановска да бидеме во Софија. Има еден регионален настан, каде што повторно ќе се среќаваме со нашите колеги, повторно ќе разговараме. Ние го немаме изборот и го немаме луксузот како европска држава, како земја членка на НАТО, да се оттргнеме од комуникација со нашите соседи колку и да биде некогаш тешка таа комуникација – изјави Муцунски. нд/са/






