Муцунски: Во следните шест месеци позитивно ќе се изненадите од визната политика на САД кон Македонија
Се работи за пауза за постапки поврзани со иселенички визи. Не станува збор за црна листа ниту за прекин. Тука мислам дека е коректно пред целата македонска јавноста да кажеме дека ова не влијае на сите други постапки за визи за во САД“ – вака министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски ја прокоментира вчерашната одлука на САД да престане со обработка на имигрантски визи за граѓаните од 75 земји, меѓу кои е и Македонија.

Доколку сте стопанственик, додава Муцунски, кој сака да патува во САД, слободно ќе можете да си аплицирате за виза. Доколку сте студент кој што сака да студира во САД или сака да патува преку „Work and travel“, нема никаква пречка.
-Светското првенство во фудбал ќе се одржи во Америка, доколку сакате туристички да патувате и оваа одлука нема да има никакво влијание врз вас. Ние сме во комуникација со Амбасадата на САД во Скопје за иселеничките визи и нашата амбасада комуницира со американскиот Стејт департмент. Согласните нашите информации, најмал број на апликации кои што ги има во нашата држава се за овој тип на визи и се работи за граѓани од една повозрасна категорија. За сите друг тип на визи нема ограничување, додаде шефот на македонската дипломатија.
Според Муцунски, перцепцијата на одлуката на САД потсетува на приказната со тарифите.
-Оставете малку на времето, оставете на нашата комуникација и фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер. Во следниот период, можеби во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава односно да почнеме да затвораме прашања кои 20 години се обидувавме да ги затвориме. Проактивни сме и работиме на решение. Граѓаните не треба да се грижат, рече министерот






