Мудроста на Сартр и мојата наивност

Четири години брзо минуваат. Некои од вас ќе бидат повторно избрани, некои нема. Затоа запомнете, немојте да правите ништо за партијата. Пишува Никола Тодоров

Секој искажан збор има своја последица, секое молчење исто така. Вака нѐ научи Жан Пол Сартр и нѐ замоли секогаш кога сакаме да кажеме нешто, да бидеме свесни за последицата што со тоа ќе ја предизвикаме, но уште повеќе нѐ учи дека никогаш не треба да молчиме кога со нашиот збор можеме да спречиме нешто неповолно. Свесен дека и мојот напишан збор ќе има своја последица, за жал повторно по мене, потпирајќи се на Сартровата мудрост, кај мене претежнува прифаќањето на последицата по мене од искажаниот збор во однос на последицата по сите од моето молчење.

ВМРО победи на локалните избори. Градоначалниците и советниците на ВМРО почнаа да ги преземаат функциите. Тука се случи нешто кое не можам да го одмолчам. Знам дека е многу подобро за мене да си молчам, да ги оставам, да не се мешам. Зошто побогу да им оставам простор на оние кои се плашат, да ме прогласуваат за предавник и да ме линчуваат по социјални мрежи. Молчи си, свиркај си, остави ги. Но, тогаш на ум ми доаѓаат овие зборови на Сартр кои мораат да бидат водилка на секој слободен човек. Молчењето ќе има последица за целото општество, за секој оној кој непромислено делува, за партијата ВМРО-ДПМНЕ и за мојата држава. Од друга страна кажаниот збор ќе има последица само по мене. Јавниот интерес преовладува.

Нашето уставно име е Република Северна Македонија. Таа реалност мораме сите да ја прифатиме, сите наши градоначалници, сите наши советници. Некому не му се допаѓа, некој е згрозен, некој повреден, некој неволно поминува преку тоа. Веројатно никој тоа не го сака. Ниту мене не ми се допаѓа, ниту јас не сум среќен што моравме да го додадеме она „Северна“ на името Македонија, но, од друга страна, тоа е реалноста која ни овозможи да станеме дел од НАТО и тоа е реалноста која треба да ни ги отвори вратите кон ЕУ. За жал, сѐ уште не ни ги отвори и до овој момент останавме изиграни. Меѓународните односи, за жал, сѐ уште почиваат на сила и интерес. Сила немаме, а интересот кон нас не е преголем. Малку сме, слаби сме, геостратешки сме далеку помалку важни од тоа што ние сметаме дека сме, поделени сме, со многу проблеми и со неразбирлива потреба целиот валкан веш и сите домашни проблеми да ги покажуваме надвор.

Без покажување среден прст

Затоа запомнете, бидејќи немаме сила, нема потреба никому да покажуваме среден прст. Зошто покажувањето на среден прст има своја консеквенција исто како и кажаниот збор. Не смееме да покажуваме среден прст во услови кога немаме крила. Ако нѐ исфрлат, ќе треснеме на земја, нема да полетаме. Затоа мудро, без непотребни гестикулации и вишок зборови. Еуфоријата на победата ќе помине, проблемите повторно ќе навјасаат, а искажаниот збор и покажаниот среден прст ќе останат во нечија меморија. Ќе имаат своја последица. Тоа не е покажување пркос. Тоа, во услови кога што и да направиме нема шанси оваа реалност да ја смениме, е само провокација која може по сите нас и по секој еден од вас да има сериозна последица. Секој кој барем малку рационално расудува, знае дека тоа е завршена работа. Секој знае дека до ова мораше некогаш да дојде и дека шансите Грција да се премисли и да го прифати името Македонија, без каква било придавка, беше невозможно.

Back to top button
Close