Мукаетов за евентуален негов политички ангажман: Секогаш сум тука за Македонија

„Јас сум секогаш тука за Македонија“, вели генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 одговарајќи на прашања за можен ангажман во политиката. Тој открива дека во изминатите 15 години добил неколку понуди, од кои две биле сериозни и се однесувале на врвни политички позиции, но не прецизира за кои функции станувало збор.

На дополнителното прашање дали му било понудено да биде претседател на државата или премиер, Мукаетов одговара:

„Па. не би конкретно да одговарам на тоа прашање и сметам дека придонесот кон сопствената земја не треба да се гледа само низ призма на тоа дали некој е ангажиран во политика или не. Јас сум секогаш тука за Македонија.“
Неговиот избор, како што објаснува, е да придонесува преку работата во „Алкалоид“, ангажманот во спортот и во општеството. Нагласува дека семејството му е најбитно и оти смета дека и преку сегашниот ангажман придонесува за развојот на државата.

„Лично, јас сметам дека секој успех на ‘Алкалоид’ е успех на Македонија“, вели Мукаетов.

Прашан за искуствата со бизнисмени кои во минатото прифатиле министерски и вицепремиерски функции, тој изразува жалење што нивното учество во Владата нарушило дел од довербата што ја имале. Според него, не се нашол вистински начин нивното деловно знаење и искуство да се преточат во додадена вредност преку извршувањето јавни функции.

Мукаетов посочува дека бизнисот и политиката имаат различни системи, механизми на одлучување и видови одговорност, но и заеднички барања – интегритет, способност за носење тешки одлуки и за управување со квалитетни луѓе

„Сите ние, секој во својот делокруг на дејствување, треба да придонесе да биде подобро во државата“, порачува тој.

Back to top button
Close