Муртезани: Прво да го вратиме дијалогот со Софија, па ќе бараме начин за надминување на спорот
Со европските партнери работиме на воспоставување дијалог и враќање на довербата меѓу Скопје и Софија, за да се надминат спорот и блокадата за земјава на патот кон ЕУ, рече министерот за европски прашања Орхан Муртезани на денешната заедничка прес-конференција со министерката за европски прашања на Шведска, Јесика Розенкранц во Скопје.

Неговата изјава беше дадена во одговор на прашањето дали евентуално се подготвува трет протокол со Бугарија за да се надминат разликите, што неодамна го спомена претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како едно од креативните решенија.
„ Тоа што се работи константно по локалните избори заедно со нашите европски партнери е воспоставување на дијалогот и враќање на довербата, бидејќи без дијалог и доверба не може да стане збор за надминување на проблемот. Во моментов се прават напори за воспоставување дијалог и градење доверба, а потоа ќе стане збор и за можните начини за надминување на проблемот, изјави Муртзани.
На прашањето во однос на изјавата на американската амбасадорка Аџела Агелер, дека стопроцентно се работи на уставните измени и дали е навистина така, Муртезани рече дека „секако дека на тоа се работи, бидејќи тоа е преземена обврска, но додаде дека во моментов не може да се говори за процесот на измени на Уставот, бидејќи сите наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани“.
„Секако дека на уставните измени мора да се работи. Тоа е преземена обврска без која нема преговори и нема членство во ЕУ, меѓутоа како што нагласив во моментов не може ние да зборуваме за процесот на уставни измени кога сите тие наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани, а за да бидат адресирани треба да се воспостави редовен дијалог, да се врати довербата меѓу двете соседни земји за да можеме на европски начин да градиме задничка европска иднина иднина, рече Муртезани.
Шведската министерка ги нагласи реформите како клучни за напредокот на земјата кон ЕУ, но и важноста од добрососедските односи. Укажа на тоа дека во последниот извештај биле констатирани одредени слабости на кои треба особено да се обрне внинамие и да се испорача она што е побарано од ЕУ. Таа рече дека Шведска е голем поборник за проширување на Унијата, потенцирајќи дека сега е моментот кој треба да се искорити за да се дојде до посакуваното членство.
„Шведска цврсто стои зад Северна Македонија, ние ве поддржуваме како со политичка волја, така и со конкретни чекори. Моето охрабрување до вас е да го искористите моментумот на проширување додека е тука, додека постои нова енергија меѓу земјите-членки за овој процес. Добар дијалог со соседните земји е секогаш добредојден како дел од процесот на пристапување и го поддржуваме секој добар дијалог што може да се постигне во овој контекст, а за самиот процес Шведска знае дека кога ќе се усвојат уставните измени ЕУ и сите земји-членки треба да го почитуваат тој договор и веднаш потоа формално да отпочнат преговорите“ рече Розенкранц.






