Муслиманите не се „невозможните други“
Денко Малески
Реафирмацијата на транс-атлантските врски меѓу Америка и Европа во говорот на државниот секретар Марко Рубио, предизвика стоечки овации од доминантно европската публика на конференцијата во Минхен деновиве. Исплашени дека Америка ќе ги напушти, европските политичари слушаа во неговиот говор само она што сакаа да го слушнат – дека Америка и Европа се „нераскинливо врзани со споделена историја, култура, јазик, христијанско наследство и минати битки“и дека Америка е „дете на Европа“. Претседателот на Латвија јавно изјави дека се согласува со секој збор изговорен од Рубио, а македонскиот премиер напиша на својот фејсбук статус дека говорот на државниот секретар е патоказ за нас.

Имаше и поумерени изјави, па и несогласувања со делови од говорот од други европски политичари, но, генерално, помирливиот тон на Марко Рубио ја оствари својата цел – ги смири европејците и ги наведе да мислат дека трансатлантскиот сојуз може да се обнови. Потоа, американскиот државен секретар отпатува во Будимпешта за да му даде поддршка на Виктор Орбан во пресрет на изборите во кои партијата Фидеш ќе се обиде по петти пат да состави влада. Неколку дена после посетата на Рубио, Орбан, наречен „голем лидер“ од страна на Трамп, беше примен во Белата куќа.Што е тоа што толку силно ја врзува Будимпешта за Вашингтон? Ако ја оставиме на страна поддршката на Орбан за политиката на Трамп кон војната во Украина и потребата од нормализација на односите со Москва, останува нивната идеолошка блискост , нешто со што како држава и како општество не можеме да го прифатиме. Имено, Трамп и Орбан се жестоки противници на либералната западна идеја која зговара коегзистенција, па и „мешање“, меѓу разни етнички групи. Ако мислите дека муслимански заедници треба да коегзистираат со христијанската во Унгарија, тој модел ние не го сакаме, отворено ќе му порача Орбан на Брисел.
Таа идеја беше присутна во говорот на Марко Рубио во делот во кој тој побара од европските држави да застанат во одбрана на нашата „велика европска цивилизација“, која почива врз споделени европски вредности и идентитет. Во тој контекст, Рубио ги повика европејците да се конфронтираат со внатрешните културни и политички промени кои ја рушат внатрешната кохезија на европските нации.
Потоа повика секоја европска држава да воспостави контрола врз своите национални граници, опишувајќи ја акцијата како базичен аспект на суверенитетот и на социјалната кохезија, а не и на ксенофобија како што ја разбира либералниот ум. Исто онака како што повикот да се застане во одбрана на „великата западна христијанска цивилизација“, го наметнува прашањето против кого се брани таа и очигледниот одговор – против Муслиманите.
Всушност, оваа комбинација на зборови во говорот на Марко Рубио, кои се фокусирани на идентитет, култура и миграција буди стари предрасуди дека мигрантите и муслиманите се „оние другите“со кои треба да се справиме, зборови кои можат да произведат омраза дискриминација и насилство.
Е, затоа треба да бидеме внимателни во нашата дружба со Америка (под администрацијата на Трамп) и Унгарија (под Орбан). Македонија е мултинационално општество и без да увезува народи од други страни на светот. Ние сме држава која, за да опстане, мора да покаже дека Муслиманите не се, како што ги нарекуваат на Запад, „невозможните други“. Самиот наш опстанок како држава и како заедница зависи од деликатното балансирање меѓу народите и религиите. Никаков („бел“) супрематизам не е решение туку е извор на големи неволји. Тоа мора јасно да им се каже на нашите американски и унгарски соговорници на највисоко државно ниво а не да се копира нивното поведение. Унгарија е, веројатно, етнички „најчистата“ држава во Европа и волја на нејзиниот народ е да остане таква. Таа волја мора да се почитува. Америка има длабоки традиции на бел супрематизам и ако е волјата на американскиот народ да експиремнира со политички решенија од минатото, тоа е нивна волја. Но, ние треба да кажеме Thank you, but no, thank you. За нас, Муслиманите не се „невозможните други“ туку наши почитувани соседи.
И на крајот, она што Рубио не го разбрал е дека мултиполарниот свет не значи ние од западната христијанска цивилизација да се обединиме против другите центри на моќ за да можеме одново да ја воспоставиме нашата загубена доминација. Мултиполарноста значи да ги негуваме и развиваме нашите демократски вредности во нашиот „пол“и да соработуваме со другите, покажувајќи со пример, а не со воени интервенции, како изгледа „доброто општество“.






