МВР ќе поднесе кривична пријава против пет лица за „орото во Чаир“

Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство во Скопје ќе поднесе кривична пријава против пет лица – П.Ќ. (50), А.З. (46), Е.Е. (36), Е.Е. (57) и Б.Д. (28), сите од Скопје, поради постоење основано сомнение дека на 24-ти минатиот месец предизвикале опасност од пренесување на вирусот КОВИД -19. Со тоа, лицата сториле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Пријавените, како што соопшти денеска МВР, на 24 мај 2020 година во периодот меѓу 9:00 и 10:30 часот, на улицата „Архиепископ Доситеј“, пред зграда бр.6, поради празнично расположение од верскиот празник, се собрале во поголема група од дозволеното и играле оро. Со тоа, како што се наведува, лицата ја прекршиле забраната на собирање во група на повеќе од две лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини, како и Уредбата за задолжително носење на заштитна маска и држење на социјална дистанца. Со наведените дејствија предизвикале опасност од пренесување на вирусот КОВИД-19.

За кривично-правниот настан, за кој МВР дозна од видео поставено на социјалните мрежи од страна на пријавените, известен е јавен обвинител од кого се добиени насоки за постапување.

– По преземените мерки за идентификување на лицата од видео записот, утврдени се сите петмина пријавени и се повикани во Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар за да дадат појаснување за стореното кривично дело кое им се става на товар при што само Б.Д. го негирал извршувањето на кривичното дело, се вели во соопштението од МВР.

Back to top button
Close