МВР: Фотографиите со попот и осветувањето на полициските возила под истрага

t

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки и активности за целосно утврдување на околностите поврзани со фотографиите на кои се гледа верски обред врз службени полициски возила во кругот на Министерството.

Од МВР за порталот „Скопје1“ уверуваат дека јавноста ќе биде информирана за резултатите од истрагата за контроверзниот случај што покрена лавина реакции на социјалните мрежи откако испливаа фотографиите на кои се гледа свештеник како врши верски обред и осветување на службени возила во дворот на МВР, при што се присутни и полициски службеници.

Дебатата повторно го отвори прашањето за границата меѓу верските обичаи и функционирањето на секуларните државни институции, првенствено ако се има во предвид дека полицијата е мултиетничка и мултиконфесионална па оттаму има потребата од јасни правила и одговорност во јавниот простор. Слични реакции во јавноста имаше и пред една година, кога беше извршен верски обред во Собранието.

Според објавените фотографии станува збор за дел од новите 120 службени возила на МВР на чија промоција на 26 декември присуствуваа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

Од Министерството за внатрешни работи во таа прилика посочија дека набавката на новите возила „пежо 408“ е дел од поширок процес на модернизација на полицијата, кој опфаќа и обновување на опремата, дигитализација на процесите, унапредување на обуките и системски реформи со цел создавање професионална, ефикасна и современа полициска служба.

Back to top button
Close