МВР ги смени правилата: На полицајците им се дозволува носење уредна брада и тетоважи на рацете
Министерството за внатрешни работи донесе измени и дополнувања во матичниот правилник со кои се олеснуваат досегашните строги критериуми за личниот изглед на полициските службеници во земјава.

Со новите одредби, на униформираните припадници на полицијата им се дозволува носење на брада и одредени тетоважи, но под строго дефинирани услови за да не се наруши угледот на службата.
Првичниот Правилник за однесување бил донесен на 4 мај 2026 година, но по иницијатива на Гранскиот независен синдикат на полицијата веднаш биле предложени дополнителни измени.
По разгледувањето на синдикалниот предлог, надлежните во МВР го прифатиле барањето и измените официјално стапиле на сила на 1 јуни 2026 година.
„Согласно извршените измени, на полициските службеници кои носат униформа им се дозволува да носат брада, но исклучиво доколку истата е кратка, уредна и редовно одржувана, односно не го нарушува професионалниот и службениот изглед на полицискиот службеник“, појаснуваат од МВР.
Од Независниот синдикат на полицијата излегоа со став дека овие измени се резултат на нивните континуирани барања и претставуваат чекор кон модернизација на условите за работа во МВР.
Во однос на косата, правилникот наложува работниците со униформа да бидат уредно потстрижени, при што косата не смее да паѓа над ушите или над самата јака од униформата.
За брадата е прецизирано дека мора да биде кратко и рамномерно потстрижена, со јасни контури на образите и вратот, како и да не ја попречува употребата на заштитна маска и друга опрема.
Кај тетоважите се воведува забрана за нивно прикажување на видливи места при носење на опремата, освен на горните екстремитети (рацете), под услов тие да немаат навредлива, расистичка или вулгарна содржина.
На крајот, со новите правила се дозволува носење само на прстен како парче накит, додека мустаќите не смеат да ја надминуваат висината на горната усна на службеникот





