МВР: Лажни полициски покани за „истраги“ – обид за злоупотреба на личните податоци

Министерството за внатрешни работи (МВР) известува дека до неколку граѓани се испратени лажни електронски пораки од лица кои лажно се претставуваат како директор на Бирото за јавна безбедност. Во пораките се тврди дека примачите се предмет на кривични истраги за сериозни дела, меѓу кои детска порнографија, педофилија и трговија со дрога, и им се дава насока да се јават во полиција во рок од 24 часа или да испратат повратен е-маил.

МВР ги информира граѓаните дека станува збор за измама и дека овие пораки не се испратени од Бирото за јавна безбедност. Целта на измамниците е да дојдат до лични податоци кои понатаму можат да бидат злоупотребени. Покани за истражни постапки од страна на МВР никогаш не се испраќаат преку е-маил.

„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните, со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку е-маил адреси“, велат за ЦИВИЛ Медиа од МВР.

Од МВР, апелираат до граѓаните да не отвораат ваквите пораки, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците. Исто така, апелираме граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на било која електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер.

Во примерот на лажната порака се наведува:

„Итно известување. Полицијата на Република Северна Македонија, по наредба на Генералниот директор на полицијата, во соработка со Европскиот центар за сајбер криминал EC3, бара од вас итен одговор на судската одлука во врска со активностите поврзани со сајбер криминал на вашата интернет платформа. Против вас веднаш ќе бидат преземени сериозни правни мерки доколку не ги почитувате упатствата на комисијата. Ве молиме имајте предвид дека оваа копија од поканата важи само 24 часа од датумот на издавање. ПРЕДУПРЕДУВАНИ СТЕ, Александар Јанев, Директор на Бирото за јавна безбедност“.

МВР апелира на внимателност и превенција од вакви измами, нагласувајќи дека единствениот сигурен начин за примање информации за истражни постапки е преку официјални канали на полицијата.

Back to top button
Close