МВР најави пријава против градоначалникот на Крива Паланка

Министерството за внатрешни работи (МВР) објави дека го расчистило случајот со физички напад во Крива Паланка во кој е инволвиран градоначалникот на овој град, Сашко Митовски.

Градоначалникот, кој беше пријавен дека извршил физички напад, односно удрил шлаканици на друг граѓанин, бил повикан и на разговор во полициска станица.

 

„Во врска со пријавата од К.С. во ОВР Крива Паланка дека на 14.01.2023 бил физички нападнат од С.М., преземени се мерки и активности за расчистување на случајот и во полициска станица е извршен службен разговор со С.М., како и со сведок на настанот. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок против С.М.“соопштија од МВР.

Нападнатиот, како што се пишуваше изминативе денови, е полициски службеник кој во тој момент не бил на должност.

За случајот од ВМРО-ДПМНЕ побараа градоначалникот Митовски, кој е од СДСМ, да си поднесе и оставка.

„Сашко Митовски, пијан физички нападнал полициски службеник пред неговиот ресторан. Ова го кажуваат очевидците и самиот човек кој е нападнат, полициски службеник кој не бил на должност. Ова го потврди и МВР дека имало ваков случај. Сашко Митовски се однесува како класичен локален шериф, кој напаѓа и тероризира граѓани, физички им нанесува повреди и сето тоа пијан. Ова е срам за градот, ова е срам за граѓаните, ова е срам за сите кои се сведоци на неговото дивеење. Ова не е прв случај градоначалникот да нападне граѓани. И претходно имаше нападнато човек во својата канцеларија и за тоа знаеше целата јавност“рече денеска претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка, Емил Спасовски, барајќи оставка.

Откако во јавноста излегоа обвинувањата, Митовски демантираше велејќи дека тоа е лага. Во изјава за „Фокус“ пред два дена повика надлежните да постапат и да има разврска на случајот.

„Ги охрабрувам сите надлежни и повикани целосно да го расчистат случајот, вклучително и судска разрешница! Сето ова е целосна невистина и тоа ќе се докаже во соодветна постапка. Јас сум човек кој секое недоразбирање го решава со збор, а не со насилство“рече Митовски за „Фокус“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close