МВР на Србија: Две лица уапсени поради воена обука за вооружен конфликт во Молдавија и во Романија
Две лица се уапсени во Србија поради сомнение дека организирале воена обука за државјани на Молдавија и Романија и постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело организирање учество во војна или вооружен конфликт во странска земја, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.
Уапсените Л.П. (1988) и С.С. (1978) се обвинети за организирање борбено-тактичка обука за државјани на Молдавија и Романија, која, како што се сомнева, имала за цел да ги обучи за давање поефикасен физички отпор на молдавските полицајци во случај на немири за време на денот на изборите во таа земја, закажани за 28 септември оваа година.
Се сомнева дека Л.П. ја организирал и финансирал обуката што била спроведена во ресторан во близина на Лозница, додека С.С. е обвинет дека му помогнал во ова, соопшти МВР на Србија.
Обуката е спроведена помеѓу 16 јули и 12 септември за помеѓу 150 и 170 државјани на Молдавија и Романија.
При претресот на станот на осомничениот, полицијата запленила лаптопи, мобилни телефони, како и уред за детекција и следење на радиофреквенциски сигнали, додека осомничениот С.С. бил запленет и со пиштол, поради што е обвинет и за кривично дело нелегално производство, поседување, носење и трговија со оружје и експлозивни материи.
По започнувањето на истрагата во врска со овој случај, Министерството за правда на Република Србија ќе побара информации и докази од Република Молдавија преку меѓународна правна помош со цел да се продолжи постапката.
Пред парламентарните избори, молдавската полиција спроведе масовни рации во кои беа уапсени 74 лица. Молдавските власти тврдат дека уапсените биле обучени од Русите за создавање немири и дека биле обучени во Србија.
„Седумдесет и четири лица беа приведени во период до 72 часа“, рече Виктор Фуртуна, главен обвинител на Молдавија од Канцеларијата за борба против организиран криминал и посебни случаи.
Молдавската полиција соопшти дека планот за предизвикување на немирите бил „координиран од Руската Федерација, преку криминални елементи“.
Фуртуна, исто така, рече дека повеќето од осомничените „систематски патувале“ во Србија, каде што добиле обука, и дека се на возраст меѓу 19 и 45 години. За тоа, наводно, добиле околу 400 евра, објави Радио Романија Јаши.
Шефот на полицијата, Виорел Чернаутеану, рече дека поединци биле обучени во Молдавија, но дека повеќето од учесниците биле обучени од персонал од Руската Федерација.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, претходно предупреди дека Русија инвестира стотици милиони евра за да ги поткопа изборите што ќе се одржат во таа земја в недела, на 28 септември.