МВР: Насилникот од Петровец е лишен од слобода
Министерството за внатрешни работи ги демантира наводите објавени во дел од медиумите за наводно нереагирање на полицијата во врска со извршено насилство врз М.З. (24) од Петровец, скопско.
Напротив, се наведува, веднаш се преземени мерки и активности од полициски службеници од СВР Скопје и насилникот е лишен од слобода.
-Веднаш по добиената пријава од М.З. дека на 27.04.2023 во дворот пред нејзиниот дом во Петровец била физички нападната од Е.Л. од Петровец, кој потоа ја нападнал и нејзината мајка З.З., преземени се соодветни мерки и активности. Е.Л. е лишен од слобода и во службен разговор во полициска станица го признал делото, се наведува во соопштението.
Известен е јавен обвинител и против Е.Л. по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело насилство по чл.386 од КЗ.
Претходно, во медиумите беше пренесено обраќање на Мелиса Захитовиќ (25), по професија Образовен Асистент во училиштето ОУРЦ (основно училиште со ресурсен центар) „Иднина“.
-Вчера околу 18:30 ч. во Петровец доживеавме брутален физички напад од сосед, јас и мојата мајка која е во лоша состојба. Со години трпиме психичка тортура и константни закани по живот од соседот, неговиот поголем брат и останатите членови од фамилијата. Живееме во страв и трепет секоја секунда плашејќи се за својот живот. Полицијата апсолутно не превзема ништо. Откако бевме физички нападнати, удирани со клоци и нозе по глава и тупаници по лицето и горните екстремитети додека неговите 5 малолетни деца го гледаа целиот настан кој траеше отприлика 10/15 без престан, дотичниот потоа се упати кон полициската станица во Петровец за да не пријави нас двете. Наведе Захитовиќ.
Таа наведе дека полцијата дошла на лице место два часа откако таа ја повикала.
-Во меѓувреме три пати ја барав полицијата плачејќи и молејќи за итна помош, Полициските службеници се однесуваа дрско преку телефон велејќи “патролата е одамна пратена чекајте”, додека од итната помош ме бараа велејќи “ништо не ти е измиј се со вода ќе помине”. Зарем треба да згасне нечиј живот и потоа да се разбудиме?! Кога ќе престанат мажите да креваат рака врз жена?!, наведе таа во обраќањето до медиумите.
Извор: Скопско Ехо