МВР навремено ќе информира за новите правила при патување во ЕУ

Новите мерки се дел од системот за влез/излез (EES) и ќе започне со имплементација на 12 октомври годинава

Министерството за внатрешни работи (МВР) навремено ќе ги информира на граѓаните за новите правила при патување во Европската Унија, кои треба да стапат на сила од 12 октомври 2025 година. Целта е да се избегнат застои на граничните премини и да се овозможи непречено движење на патниците.

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, вели дека МВР е во постојана комуникација со европските партнери. Според првичните најави, граѓаните ќе треба да пополнуваат онлајн апликации како дел од новата регулатива.

„Разговараме на дневна основа како сето тоа да биде олеснето и подостапно за нашите граѓани. Се согласувам, најголем проблем може да бидат патните премини кај нашите соседи кои се дел од Европската Унија. Затоа, наша обврска е да ги информираме граѓаните комплетно, какви апликации треба да поднесат”,рече Јанев во одговор на новинарско прашање.

Тој додаде дека онлајн апликацијата ќе одзема кратко време и ќе има важност од две години.

Јанев нагласи дека МВР ќе ги сподели официјалните информации веднаш штом ќе ги добие од ЕУ.

„Таа регулатива е на ЕУ, а ние сме должни да ја почитуваме“,рече Јанев.

Новите мерки се дел од системот за влез/излез (EES) и ќе започне со имплементација на 12 октомври годинава.

Според информациите објавени на официјалните интернет-страници на Европската унија, системот постепено ќе се воведува во следните шест месеци и се очекува да биде целосно оперативен од 10 април следната година. Во меѓувреме, 29-те европски држави ќе ги воведуваат различните елементи од системот во фази, вклучувајќи ги и системите за собирање биометриски податоци, како фотографии од лицето и отпечатоци од прстите. Ова значи дека на некои гранични премини можеби нема веднаш да почне собирањето на биометриските податоци, и патниците што ќе поминат таму нема да бидат веднаш внесени во системот. И понатаму ќе продолжи ставањето печати во пасошите.

 

 

 

 

 

Back to top button
Close