МВР од РСБСП доби пресретнувачи кои ќе документираат прекршоци на возила во движење
Две нови возила со кои полицијата ќе документира сообраќајни прекршоци на возилата коишто се во движење денеска доби МВР од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возилата се опремени со системот ПолЦам, внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прекршоци на возила во движење.
Системот ПолЦам е незаменлив при документирање на сообраќајни прекршоци како што се: минување на црвено светло, возење со поголема брзина од дозволената, непрописно престигнување и други прекршоци, а брзината на движење на возилата може да се мери на фиксна и променлива оддалеченост од возилата.
Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска рече дека продолжува успешната соработка помеѓу РСБСП и МВР со заедничка цел унапредување на безбедноста во сообраќајот. Согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, РСБСП дел од своите средства ги наменува за модернизација на опремата на сообраќајната полиција.
Министерот Спасовски потенцираше дека за првпат во нашата држава полицијата располага со возила и опрема од ваков тип, кои исклучително ќе ја променат сликата на сообраќајот на патиштата, во насока на унапредување на безбедноста на сите чинители во сообраќајот.
Уредот овозможува видео запис од 25 фотографии во секунда, мапа на којашто се покажува локацијата каде е направено видеото, а има и опција за пронаоѓање и автоматско препознавање на регистарски таблички кои направиле прекршоци. Интегрираните уреди се од полската компанија ПолЦам кои преку поставените камери со висока резолуција на предниот и задниот дел од возилото во денски и ноќни услови и во движење бележат видео записи од сторените прекршоци. Бележаните видео записи се складираат во хард диск кој е поставен во задниот дел од возилата и истите подоцна може да се употребат како веродостоен доказ за сторениот сообраќаен прекршок пред надлежните институции. Покрај документирањето на сообраќајните прекршоци со овој уред може автоматски да се детектираат и препознаат регистарски таблици, кои претходно биле евидентирани за сторен сообраќаен прекршок.