МВР потврди дека Златев бил нападнат

овинарот Љупчо Златев рано утрово бил нападнат во ресторан во Скопје. Официјално, настанот е дел од денешниот билтен на МВР каде се вели дека:

„На 24.07.2020 околу 00.40 часот во СВР Скопје, Љ.З.(28) од Кавадарци пријавил дека околу 00.10 часот, во угостителски објект во Скопје, му биле упатувани закани и бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – пишува во дневниот билтен на МВР.

Златев, на социјалната мрежа Фејсбук, пред малку сподели повеќе детали за настанот и за нападот директно го обвини семејството Мијалкови.

Вели дека бил на свирка со пријатели во ресторанот „Трибека“ а нападот се случил кога станал од масата за да оди до тоалет.

„Додека се движев, во ходникот, непознато лице почна да ме удира по градите, да ме плука и да ме влече кон излезот.

Додека ме напаѓаше, лицето ми се дереше “Излези надвор, многу си ни згрешил, излегувај надвор… “. Јас на неговиот напад се спротиставив и не дозволив да ме извлече надвор, по што приклештен пред влезот тој неколку пати со неговата глава ме удри во пределот на челото.

Веднаш кога се случи настанот од внатрешноста дојдоа гости кои лицето го истуркаа надвор, а во бунилото чув и дека човекот кој ме нападна носел пиштол – тврди Златев.

Златев не го познавал напаѓачот и тврди дека на неговите прашања кој е човекот, добил одговор од еден од гостите во локалот.

„Еден од оние кои го истуркаа надвор, ми рече дека се работи за лице од Автокоманда, кое е дел од обезбедувањето на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков. Истото лице, ми посочи дека надвор пред локалот бил и младиот Мијалков со уште неколку луѓе, а ве потсетувам, додека бев напаѓан бев туркан кон излезот пред кој тој се наоѓал.

Веднаш по настанот, пријавив во полиција, која експресно дојде, направивме записник и се упатив кон болница каде што ми беа констатирани лесни телесни повреди на главата и ми беше препишана терапија“ вели Златев.

Според Златев, мотивот за нападот е текст кој вчера го објави на порталот „Лидер“, дека поранешниот шеф на УБК купил луксузен имот покрај Охридското езеро.

Инаку, текстот се базираше на фотографии објавени на социјалната мрежа „Твитер“ од непознат корисник, кои имаа јасна намера да го дискредитираат повикот на Сашо Мијалков од претходниот ден за смени во раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

До повикот на Сашо Мијалков за оставка на Мицкоски, тоа го сторија и редица други поранешни функционери во партијата. Но, актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не реагираше директно на тие повици. Откако и Мијалков се приклучи на барањата за смени во опозициската партија, се засилија и реакциите против сите кои бараат Мицкоски да се повлече.

Back to top button
Close