МВР се огласи по случајот со началникот во Демир Хисар: Преземаме соодветни мерки. Социјалните мрежи „зовреа“

Во однос на реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности од своја надлежност за што дополнително ќе ја известиме јавноста.

Ова го соопшти Министерството за внатрешни работи во врска со видеото што беше објавено на социјалните мрежи на кое началник бара директорката на средно училиште на носилка на Брзата помош да биде однесена на информативен разговор во полициска станица. Од Обвинителството, пак, соопштија дека имало налог за претрес, но не и за приведување и итен распит.

Од МВР соопштија дека биле извршени претреси во врска со сомнение за кривично дело „Одземање или уништување службен печат или спис“.

„На 08.08.2025, по претходна пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 390 од Кривичниот законик – „Одземање или уништување службен печат или спис“ врз основа на наредба од Основен суд Битола, во периодот од 19:25 до 20:20 часот, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар, во присуство на адвокат, извршиле претрес во домот на М.Л. (57) од Демир Хисар. Исто така, со судска наредба, во периодот од 20:45 до 21:30 часот бил извршен претрес и во службените простории во средно училиште кои ги користи М.Л“, соопшти МВР.

Ноќната полициска драма во домот на директорката на средното училиште во Демир Хисар и бруталниот однос на полицискиот началник дека ке ја приведе во полиција и на носилки ги зовре социјалните мрежи. Реакции за осуда и „забеганост“ на вработени во МВР се најчестите коментари.

„Криминалците, насилниците, убијците, измамниците, корумпираните политичари премачкани со сите масти се шетаат слободно низ државата. Трговци со дрога и оружје се сликаат со високи функционери во власта, терористи слават родендени со главешините на мафијата. И мува не ги лази. Ама за печат од училиште се ангажира специјална единица од полиција? Па уште и на носилка во полиција ќе ја спроведувале жената. И тоа за незаконско разрешување од страна на градоначалникот. Ма луѓе сосема сте поблесавеле веќе“, напиша Најчевска.

И инфлуенсерката Ина Многуфина го искоментира случувањето: „ Таа драмолетка во Демир Хисар е ништо друго освен манифестација на моќ. Лопови така не ваделе на носилки да апсат ко што и се силеле на жената, во сред ноќ. Покажување сила на послаби и немоќни е знак за слабост. А и драмава е околу некое решение за вработување нешто што се дешава реално секој ден. Абе идете таму криминалцине ви избегаа, а некои и се шетаат и тендери добиваат, тие дошле ноќе кај жена што не може да се движи, демек шо, ќе стане ќе избега со печатите негде. Немаме правни алатки да се решава ова, мора вака со драми и скандали?“.

Back to top button
Close