МВР со детали: Дојави за бомби во повеќе училишта во Скопје, во Штип, Охрид, Куманово
На службените мејлови на повеќе образовни установи во Скопје и во други градови во државата, утрово добиени се дојави за поставени експлозивни направи, информираат од МВР за МИА.
Дојава за бомба, според информации на МИА, утрово имало во неколку училишта во Аеродром, како и училишта во Штип.
Според соопштението на Општина Центар, утринава во ООУ „Киро Глигоров“ , ООУ „Димитар Миладинов“ и ООУ „ Гоце Делчев“ во Општина Центар биле добиени дојави за поставени експлозивни направи.
Веднаш по приемот на пријавите, полицијата излезе на терен и презеде мерки за безбедно евакуирање на учениците и вработените.
Во ООУ „Димитар Миладинов“ биле извршени детални антитерористички проверки, при што е утврдено дека станува збор за лажни дојави, па наставата продолжила редовно. Во ООУ „Киро Глигоров“, учениците беа навремено евакуирани, а наставата е прекината до завршување на целосниот увид. Во ООУ „Гоце Делчев“ каде денеска се прославува патронат и децата се ослободени од настава , во тек е полициска проверка.
Во речиси сите основни и средни училишта во Штип утринава има дојави за бомби по електронски пат. Учениците се евакуирани и има проверки на објектите од страна на полицијата. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов за МИА вели дека станува збор за лажни дојави на бомби.
-Наставата продолжува да тече, нормално пријавено е во сите релевантни институции, СВР-Штип се на терен во сите училишта да ги извршат своите потребни контролни мерки. Ве уверувам дека станува збор за сајберски напад, кој има цел да предизвика немир кај наставниците и учениците и прекин во наставата, вели Јорданов.
Дојави за бомби има пријавено и во училишта во Охрид и во Куманово. Во едно основно училиште во Куманово во населбата Карпош имало дојава за наводно поставена бомба потврдија од СВР Куманово за МИА. Од полицијата потврдија дека антитерористичките единици на МВР вршат проверки. Учениците се пуштени дома, информираа родителите од училиштето „Магдалена Антова“.Од СВР Куманово најавија детали во текот на денот.
Портпаролот на СВР Тетово потврди дека имало дојави за бомби во повеќе образовни институции во тетовско-гостиварскиот регион.
Во некои училишта, по извршените проверки од страна на МВР, наставата е продолжена.
МВР најави повеќе информации во текот на денот.