МВР со детали: Двајца починати и еден повреден во Волково
Две лица починале, а еден малолетник е повреден во инцидент што утринава се случи во скопското село Волково. Повредениот малолетник е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Министерството за внатрешни работи потврди дека случајот е пријавен во 9 часот и дека Р.Ц и М.Н. од здобиените повреди починале на самото место. Како можен сторител се посочува М.Н.
– Денеска (24.03.2025) околу 09.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Волково, скопско, имало пукање од огнено оружје, при што неколку лица биле повредени. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека Р.Ц. и М.Н. од здобиените повреди починале на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Со повреди се здобил и еден малолетник, кој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош. Како можен сторител на настанот се посочува М.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од МВР.
Директорката на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Марија Срцева Јовановски потврди дека на Клиниката е примен пациент од инцидентот во Волково и дека во моментот се прават испитувања.
– Пред неполни десет минути е примен пациент кој е повреден од огненострелно оружје. Во моментот се прават иследувања кај него. Генерално состојбата кај него е релативно стабилна. Пациентот по испитувањата веројатно ќе продолжи на лекување на Клиниката за пластична хирургија, изјави Срцева Јовановски.