МВР со детали за несреќата во која загина редар на трката во Пробиштип

Кире Андреевски – Кирца  автомобилистички судија и директор на трката во Пробиштип, вчера го загуби животот по инцидентот на кој автомобил Хонда  во финишот  излета  од патеката и удрил во членот на Автомобилистичката федерација на Македонија.

Полицијата информираше дека вчера околу 13.20 часот  на авто трката  која се одржуваше на регионалниот пат Пробиштип – Кратово, кај место викано „Жгури“, патничко возило „хонда сивик“,  без регистарски ознаки, управувано од A.K.(43) од Скопје – учесник на трката, удрило во Андреевски (62) од Скопје, кој бил  техничко лице на трката. Тој се здобил со повреди и бил пренесен во Општа болница Пробиштип.

Поради серизоноста на повредите од таму бил препратен во Медицински центар Штип, но по патот починал. Увид извршиле екипа од СВР Штип и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.

Од Тркачкиот клуб Кастм кар рејсинг тим, одговорност за  трагедија побараа од Автомобилистичката федерација.

„На крајно небезбедна патека без банкини која не знаеме како можеле да ја лиценцираат и направат безбедносен план во Пробиштип каде овој викенд организираа ридско-брзинска трка згасна човечки живот кој беше удрен од тркачки автомобил на целта при тоа беше и дел од организацијата. Одговорност за овој настан треба да сноси целото раководство на АФМ а тоа се Ранко Станојковски, Павле Доневски и неговиот клуб и Кристина Станојковска“, напишаа на официјалниот профил на Фејсбук од тркачкиот клуб.

Поради трагичниот  инцидент на патеката, беше прекината ридско – брзинската трка, која беше прва од официјалниот календар на шампионатот на Македонија во автомобилизам.

Макфакс

Back to top button
Close