МВР: Уредбата за двојазичните ознаки на полицијата произлегува од Законот за употреба на јазиците

Министерот за внатрешни работи Агим Нухуи претходно на Фејсбук објави дека ги потпишал правните акти за воведување двојазични натписи на униформите на полицијата

МВР попладнево потврди дека министерот Агим Нухуи ги потпишал правните акти за воведување двојазични натписи на униформите на полицијата, кои се во согласност со одредбите од Законот за употреба на јазиците.

Но притоа укажуваат дека Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на Полицијата ја носи Владата, а по нејзиното донесување се носи Правилникот  за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата од страна на министерот за внатрешни работи.

Повикувајќи се на правното мислење од тамошната служба по објавата на Нухиу на Фејсбук, од МВР истакнуваат дека во Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/19) во членот 1 е утврдено дека на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во продолжение на истиот член се утврдува дека друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.

Според тоа, посочуваат од МВР, согласно член 8 став (3) од наведениот закон, униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

„Во членот 23 е утврдено дека во рок од една година од денот на влегувањето на сила на овој закон сите надлежни институции се обврзани да ги донесат подзаконските акти за спроведување на овој закон. Во истиот член е предвидено и дека во рок од една година одредбите од другите закони се усогласуваат со одредбите на овој закон, а во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби на друг закон, органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон“,истакнуваат од МВР.

Од МВР потсетуваат дека лани на 11 јули во рамки на Министерството формирана е работна група за анализа и усогласување на прописите за униформата на полицијата со одредбите од Законот за употреба на јазиците и со Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот.

Текстовите на  Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата се изготвени токму врв основа на предлозите на оваа работна група, велат од МВР.

 

 

 

 

Back to top button
Close