МВР за девојката со кравите во Паланка: Попречувала лица од АХВ да одземат крави
Министерство за внатрешни работи информира дека на 25.02.2026 во 09:35 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка ја лишиле од слобода Ј.Ѓ. (27) од село Жидилово, кривопаланечко, поради сомнение дека спречила вработени од Агенција за храна и ветеринарство во извршување на службени дејствија.

Како што соопштуваат од МВР, службените лица од Агенцијата постапувале по решение за спроведување мерки за одземање на домашни животни – крави. Ј.Ѓ. била приведена во полициска станица и по целосно документирање на случајот против неа ќе следува соодветна пријава.
Претходно, Јулијана Ѓорѓиевска во изјава за „Скопје1“ тврдеше дека таа денес ги напасувала кравите сопственост на нејзиниот татко и дека при акцијата животните биле оттурнувани кон патните правци, што, според неа, предизвикало паника и ризик за јавната безбедност.
Таа наведе дека се обидела да ги врати кравите подалеку од патот за да спречи можна сообраќајна несреќа, по што, како што тврди, била пресретната од полицајци и задржана од 9:30 до 15:00 часот.
Ѓорѓиевска дополнително посочи дека при акцијата биле одвоени мајки од телиња, а подоцна, според нејзините наводи, една крава била удрена и усмртена на магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир, при што возачот го напуштил местото на настанот.
Додека МВР наведува дека станува збор за попречување на службени дејствија, Ѓорѓиевска бара одговорност и протокол за вакви акции, оценувајќи дека начинот на спроведување создал ризик и последици.
Случајот ќе биде предмет на понатамошна постапка






