МВР: Запленети над 40 тони дрога, акцијата продолжува

Министерството за внатрешни работи информира дека во тек е опсежна акција, во чии рамки е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тони марихуана и биомаса.

– Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија  потекнува од нашата држава, изјави портпаролот на МВР Гоце Андреевски.

Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Република Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, како што рече, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице.

– Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана. Исто така, извршени се проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина, рече Андреевски.

Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.

Од МВР информираат дека по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информираат јавноста.

Видео: МВР 

Back to top button
Close