МВР: Запленети над 43 килограми марихуана, приведени 241 лице по еден месец од формирањето на Работниот тим

– Еден месец по формирањето на Работниот тим (Task force) за сузбивање на недозволената трговија со дрога, Министерството за внатрешни работи бележи значајни резултати во борбата против организираниот нарко-криминал. Засилената координација, побрзата размена на информации и заедничкото дејствување на организациските единици овозможија поефикасно откривање и сузбивање на криминалните структури што се занимаваат со недозволена трговија со дрога, пишува во денешното соопштение на МВР.

– Во изминатиот месец беа реализирани повеќе координирани акции низ целата држава, насочени кон откривање на дилерски мрежи, прекинување на каналите за снабдување и спречување на понатамошна дистрибуција на наркотични дроги. Меѓу позначајните акции е пресечениот меѓународен транспорт на околу 25 килограми марихуана на граничен премин „Деве Баир“ – се додава во соопштението.

Како резултат на преземените мерки и активности, запленети биле 43,3 килограми марихуана, 693,37 грама кокаин, 141,42 грама хашиш, 691,34 грама амфетамин, 50 грама халуциногени печурки, 541 таблета екстази, 69 ЛСД – таблети, 14 таблети – МДМА, како и 116 паковки со растителна, прашкаста и грутчеста материја, за кои се вршеле соодветни вештачења.

– Во истиот период поднесена е 21 кривична пријава против 29 лица, извршен е 131 претрес на домови и други простории, реализирани се 935 прегледи на возила и 1.078 прегледи на лица, а 241 лице се приведени или лишени од слобода по различни основи поврзани со недозволената трговија со дрога – се додава во соопштението.

Се истакнува дека особено значајни се резултатите постигнати на подрачјето на СВР – Скопје, каде при извршените претреси, покрај наркотичните дроги, пронајдени и одземени биле 2.900 евра, 100 швајцарски франци, 58.000 денари во различни апоени, два пиштоли и шест дигитални ваги. Овие предмети, како што се нагласува, упатуваат на организирано вршење на кривичните дела и претставуваат значајни материјални докази во натамошните кривични постапки.

– Во рамките на активностите на Работниот тим успешно е реализирана и потрагата по 41-годишно лице од Кочани по кое беше распишана меѓународна потерница. Лицето претходно избега од полициска станица, каде беше лишено од слобода поради основано сомнение за недозволена трговија со дрога, а неговото пронаоѓање и повторно лишување од слобода претставува уште една потврда за ефикасното постапување на полициските служби и доследното спроведување на законската одговорност – се истакнува во соопштението.

Министерството за внатрешни работи подвлекува дека останува цврсто определено во бескомпромисната борба против недозволената трговија со дрога.

– Во наредниот период, активностите на Работниот тим ќе продолжат со уште поголем интензитет, преку засилени контроли, координирани акции, финансиски истраги и меѓународна полициска соработка – се додава во соопштението.

Back to top button
Close