МЗ: Ги подобруваме условите за работа на младите лекари
Младите здравствени работници активно се вклучени во креирањето на здравствените политики што се спроведуваат во рамки на Министерството за здравство. Отворивме перспективи секој млад здравствен работник својата иднина да ја гледа во јавното здравство и веднаш по добивањето лиценца да добие можност за работа со пациенти. Поголем дел од младите лекари кои добија лиценца за работа во јули, годинава, покажаа интерес да бидат дел од тимовите во инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со Ковид-19, а паралелно на сето тоа почнуваме и процес на обезбедување финансии за нивно трајно вработување, соопшти Министерството за здравство.
Согласно измената на Законот за здравствена заштита од јануари минатата година, како што се посочува, секој дипломиран доктор на медицина, кој се стекнал со лиценца веднаш почнува со шестмесечна пракса, која првпат му е платена со 30.000 денари месечно. Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи, како што се здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.
Во изминатиот период се одобрени илјада специјализации и супспецијализации, дадена е согласност за пет илјади вработувања во здравствениот систем и направени се напори за соодветно вреднување на младите лекари. Во континуитет се спроведуваат и други активности за мотивирање на помладиот здравствен кадар. Тие остануваат во фокусот на Министерството за здравство. И натаму работиме на подобрување на нивниот статус, квалитетот на едукација и условите во коишто работат, стои во соопштението.