МЗ: Итно спроведување на епидемиолошка анкета со најблиското семејство на Амди Бајрам, кај кого постмортем е утврдено присуство на Ковид-19

Министерството за здравство вечерва информира дека откако кај починатиот Амди Бајрам постмортем е утврдено дека истиот бил позитивен на Ковид-19, Центарот за јавно здравје-Скопје ги презема сите мерки за заштита и спречување на натамошно ширење на инфекцијата во и вон неговото семејство и сите оние кои во изминатиот период имале интензивни и блиски контакти со починатиот.
Од страна на ЦЈЗ Скопје, согласно редовната постапка во вакви случаи, итно ќе биде спроведена епидемиолошка анкета со најблиското семејство на починатиот со цел точна и детална идентификација на контактите во изминатите денови. Со анкетата, ќе биде направена евалуација на степенот на ризик и ќе биде дадена препорака за тестирање, односно самоизолација за неговите контакти. Согласно анкетата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ќе издаде решенија за изолација за лицата за кои таа ќе биде одредена, велат од Министерството.
МЗ изразува сочувтсво до семејството и апелира, во интерес на заштита на нивното здравје, во целост да соработуваат со надлежните служби. Дополнително, да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од натамошно ширење на инфекцијата од Ковид-19.
Амди Бајрам бил донесен во приватна болница во веќе егзитирана состојба, се наведува во соопштението. На починатиот му бил земен брис, а резултатот потврдил присуство на вирусот Ковид-19.

Back to top button
Close