МЗ: Првпат во земјава на ГАК извршен екстраперитонеален царски рез

На Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје во петокот, 8 октомври, првпат беше изведен екстраперитонеален царски рез врз 23-годишна трудница, која претходно имала три големи хируршки абдоменални операции заради повреди на внатрешни органи.

Од Министерството за здравство соопштија дека постоеле индикации нејзиното породување да заврши со царски рез, кој требало да се направи во интерес на бебето.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска на Одделот пуерпериум при ГАК-Скопје ја посети родилката и нејзиното новородено.

Инаку, екстраперитонеалниот царски рез е специфична техника на царски рез која е позната од пред 70 години и во поново време првпат е реафирмирана во Франција. Ваков вид на породување со царски рез освен во Франција се изведува во Брисел – Белгија, во Загреб – Хрватска, но и во Тунис во Северна Африка.

Доц. д-р Игор Самарџиски, кој го изведе оперативниот зафат во петокот истакна дека пациентките со овој тип на царски рез побрзо и полесно се враќаат во нормален живот, нешто слично како по вагиналното породување. Бенефитот од екстраперитонеалниот царски рез, како што рече, е што родилката само неколку часа по операцијата може да се движи, да јаде, да пие и да му се посвети на своето новородено.

– Првпат во Македонија во петокот беше извршено породување со екстраперитонеален царски рез, со што ГАК-Скопје стана и прва клиника во регионот каде се примени оваа невообичаена техника. Среќен сум што по 30-годишно работно искуство на нашата клиника се роди бебе со екстраперитонеален царски рез, нешто за што сме слушале од повозрасните колеги, посочи Самарџиски.

Тој додаде дека со оваа техника, се намалува и ризикот од внесување на интаабдоминални инфекции и намалување на сраслини на внатрешните и на репродуктивните органи, со што се намалува и можноста од постоперативен стерилитет.

Доц д-р Самарџиски неодамна се врати од едукативен престој – активен курс во болница во Ница, Франција каде учествуваше во изведување на екстраперитонеални царски резови.

Од Министерството соопштија дека техниката за екстраперитонеалниот царски рез е специфична, започнува во исти стил како и клисичниот царски рез, но кон местото на сечењето на матката и вадењето на плодот се пристапува со посебна техника на странично истуркување на бешиката од местото каде што треба да се направи екстараперитонеалниот царски рез. Потоа следува специфично кружно шиење на отворот на матката, што исто така придонесува за намалување на времетраењето на интервенцијата и за подобро зараснување на местото каде е пресечена матката.

Back to top button
Close