Н1: Во Србија во декември починале 6.805 лица повеќе од десетгодишниот просек

– Во Србија бројот на смртни случаи во декември 2020 година е поголем за дури 6.805 во споредба со десетгодишниот просечен број на починати во тој месец, покажуваат најновите податоци на Републичкиот завод за статистика (РЗС). Истиот месец, според податоците на институтот „Батут“, бројот на смртни случаи од последиците на Ковид-19 официјално изнесуваше 1.646, пишува сајтот ТВ Н1.

Според официјалната статистика направена врз основа на месецот на упис во матичните книги на починати, во декември 2020 година се регистрирани 17.321 смртен случај, што е двојно повеќе отколку во истиот месец претходната година, кога бројот на смртни случаи изнесувал 8.803. За споредба, просечниот број на смртни случаи во декември во претходните десет години е 10.516.

Бројот на смртни случаи во Србија од 1 април до 31 декември 2020 година е поголем за дури 15.372 во споредба со истиот период претходната година, односно за 13.069 во споредба со десетгодишниот просек, според податоците на РЗС. Во тие осум месеци, епидемијата на коронавирус официјално однесе 3.227 животи.

Огромното зголемување на бројот на смртни случаи во Србија во однос на десетгодишниот просек, што ова лето го посочи членот на Кризниот штаб, д-р Предраг Кон, фрла сомнеж врз официјалната евиденција на смртни случаи од Ковид-19, пишува ТВ Н1.

Според претседателот на Синдикатот на лекари и фармацевти на Србија, д-р Раде Паниќ, зголемениот број на смртни случаи во претходниот период „несомнено е резултат на епидемијата на коронавирус“, бидејќи, објаснува тој, некои пациенти починале од Ковид-19, додека други починале „поради вирусот затоа што немаат пристап до неопходната здравствена заштита“.

Вкупниот број на смртни случаи во 2020 година е 114.954, што е зголемување за 13.991 (13,9 осто) во споредба со 2019 година, кога бројот на смртни случаи беше 100.963.

Бројот на живородени во 2020 година е 61.693 и претставува пад од 1.791 (2,8 отсто) во споредба со истиот период минатата година, кога бројот на живородени деца беше 63.484. Во 2020 година, Србија изгуби 53.261 жител само врз основа на природен прираст, што е разликата меѓу бројот на смртни случаи и бројот на раѓања.

Back to top button
Close