На 19 ноември ќе стартува судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“
На 19 ноември ќе започне судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, која одзеде 63 животи, а над 200 млади беа повредени.
-Главната расправа за кривично правниот – предмет со К.бр. 1872/25 поврзан со несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани е закажана за 19 – ти ноември 2025 година со почеток во 09:30 часот, во судницата во КПУ Идризово, информираа од Кривичниот суд.
Како што претходно известија од судот, обвинителниот акт поднесен првично од ОЈО Кочани па со решение на Јавниот обвинител на РСМ, доделен во надлежност на Скопското јавно обвинителство, беше одобрен во целост, а согласно АКМИС – системот, распределен на понатамошно постапување кај судија Диана Груевска Илиевска
-Заради интерес на медиумите и невладини организации кои ја следат работата на судот, но и заради транспарентно известување на јавноста во однос на конкретниот предмет, информираме дека покрај судиите кои се иззема од постапување пред оцена на обвинителниот акт, дополнителни и судиите Тамара Витларова – Смилевска и Илина Смичковска – Илиевска се изземаа од постапување по предметот заради исполнување на Законските одредби односно лично познанство со дел од оштетените.
Како втор член на судечкиот совет, кој ќе постапува по предметот, согласно измените на годишниот распоред за постапување на судиите, ќе постапува судијата Ахмед Идризи, информираат од судот.
Оттаму појаснуваат дека веќе се закажани неколку судски рочишта, за да предметот се суди брзо.
-Дополнително, заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 год., 26.11.2025 год., 2.12.2025 год., 4.12.2025 год., 10.12.2025 год. и 11.12.2025 год, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини. Поканите до странките се веќе во фаза на достава.
Со оглед на бројот на обвинети и интересот кај медиумите, како суд укажуваме на сите учесници во постапката да бидат присутни во судницата најмалку еден час пред закажаниот термин, заради неопходните безбедносни процедури како и навремено отпочнување со расправата, а сите акредитирани медиуми навреме да ги обезбедат неопходните дозволи за снимање и фотографирање од Врховниот суд на РСМ, информираат од Кривичниот суд.